ВИДЕО: Пљачка на „Езеро Треска“, ги сечат канделабрите и ги ставаат во комбиња без регистрации

Од:

Во Спортско – рекреативниот центар „Езеро Треска“ викендов се слушаат само моторни пили со кои се сече се што може да биде исечено во некогашните ресторани, бунгалови, кафулиња, гардероби и тоалети. Во комплексот се случува невидена пљачка на државниот имот оти додека на една страна работници организирано уриваат, на друга се откорнува урбаната опрема и се товари во возила без таблички. Најавеното уривање на старите објекти на „Треска“ почна пред два дена, а камперите, кои се најредовни посетители на „Треска“ велат дека веќе се урнати два објекта кои служеле како магацини.

„Се уриваат старите и дотраени објекти, но некои си сфатиле дека од ова и пари може да заработат па ги сечат канделабрите, железото и алуминиумските делови и ги товараат во возила без ознаки и без регистарски таблички. И дрвените конструкции исто така, ги товараат во приватни возила. Во езерото вода има само на некои места и се гледа дека во неа се уште преживуваат риби. Мириса на муљ. Ги нема посетителите кои редовно се шетаа во зеленилото околу езерото“, вели за „А1он“ очевидец згрозен од она што денес го видел на „Треска“.


Меѓу ѓубрето, градежниот шут и уривачите, на „Треска“ по некогашните базени се шетаат кози и кучиња, а во комплексот може да влезе кој сака.

Камперите со жив штит ќе ја бранат „Треска“

Згрозени од состојбата се и камперите кои добија рок до 23 февруари сами да ги отстранат приколките оти Општина Сарај ќе го заживува просторот. Иако градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, на веб – страницата на Општината известува дека камперите почнале сами да ги расчистуваат приколките, тие тврдат дека такво нешто не се случило, ниту пак ќе се случи.

Само на некои делови од езерото има вода во која се гледа дека преживуваат риби

„Не е точно дека некој од нас сам почнал да урива. Овде има 330 кампери кои редовно плаќаат закупнина, но има 500 приколки. Дел од нив се на луѓе кои 15 години не се појавиле овде. Е токму таквите ги урива Општината, а сака да прикаже дека сами се уриваат. Ние тоа нема да го дозволиме. Ако треба и со жив штит ќе го браниме езерото и имотот кој ни припаѓа на сите нас, на граѓаните. Пет години се одбивале по два отсто од платите на сите за да се изгради комплексот и не дозволуваме сега некој да ни го одземе“, вели Томи Неделковски, кампер на „Треска“.

Камперите најавуваат можност на неколку пункта во градот да почнат да собираат потписи за езерото да остане на граѓаните

Камперите веќе регистрирале здружение во Централниот регистар, преку кое најавуваат голема институционална борба за „Треска“ да остане општо добро. Имаат и адвокат кој ќе ги застапува, а на нивната битка велат дека наскоро ќе дадат можност да се приклучат сите заинтересирани.

„Размислуваме на неколку пункта во градот да почнеме да собираме потписи од граѓаните. Ние овде ги донесовме приколките оти државата ни даде таква насока. Неколку години по изградбата на Центарот, кој беше пуштен во 1978 година, градот за да ги расчисти градските паркинзи, апелираше сите што имаат камп – приколки, да ги пренесат на ’Треска’ оти тука е предвиден простор за нив кој ќе се користи со плаќање годишна кирија. Ние сме кампери 30 години, а сега наеднаш не се вклопуваме во плановите“, револтиран е Неделковски.

Тој најавува дека во следните денови ќе ја засилат активноста и се надеваат дека ќе успеат да издејствуваат од Владата, просторот да им остане на користење и нив и на сите граѓани.

23 години градоначалниците ветуваат заживување на „Треска“

Сета урбана опрема е откорната

Иако уривањето почна пред два дена, градоначалникот Беџети не ги претстави на јавноста плановите за Спортско – рекреативниот центар. Откако зачестија гласините дека на местото на „Треска“ ќе се градат болница и хотели, градоначалникот Беџети пред два дена уверуваше дека не му е таков планот со кусо објаснување дека Спортско – рекреативниот центар повторно ќе заживее и граѓаните ќе може да се забавуваат во него.

Тоа е само последна од низата најави за обнова на „Треска“. Езерото е дел од предизборните кампањи на сите скопски градоначалници близу 23 години. Без исклучок, сите досегашни градоначалници, заедно со актуелниот, Петре Шилегов, пред изборите ветуваа враќање на сјајот на “Треска“, а по изборите со години се оправдуваа зошто не можат да го остварат ветеното.

Сите досегашни градоначалници на Скопје пред избори ветуваа враќање на сјајот на “Треска“, а по изборите со години се оправдуваа зошто не можат да го остварат ветеното.

Се ветуваа пречистителни станици, бунари, приватизации, јавно – приватни партнерства, но ниту едно ветувањето повеќе од две децении не е реализирано.

Спортско – рекреативниот центар „Езеро Треска“  до 2013 година беше во ингеренции на Град Скопје кога со владина одлука сопственоста беше пренесена на Општина Сарај. Советот на Скопје, пак, во декември 2016 година изгласа одлука езерото да се избрише од сметководствената евиденција на Град Скопје со што и официјално се откажа од комплексот.

Во 2019 година, Владата на премиерот Зоран Заев на 147 седница усвои информација врз основа на која се овозможува Општина Сарај да почне постапка за изградба на спортско – рекреативен центар во близина на селото Глумово, кој ќе го опфати и „Езеро Треска“, а кој вклучува и изградба на викенд населба, хотелски комплекс и спортско рекреативен центар за развој на еко – туризам. Минатата година Владата земјоделското земјиште околу „Езеро Треска“ го пренамени во градежно, за да може да се реализира планот на Општина Сарај.

Би можело да ве интересира

Инцидент во Сарај: Маж со пиштол пукал кон познаник

Мотоцикл удрил во дете од селото Љубин, сопственикот тврди дека самото се удрило

А1он

Ковачевски: Со отворањето на новата Поликлиника, жителите на Сарај за прв пат добиваат примарна здравствена заштита, здравјето на граѓаните е наш врвен приоритет

Најден запален автомобил во Сарај, МВР и Обвинителството проверуваат дали го возел пукачот од Ист Гејт

Александар Тодески

Голема роденденска тепачка во Сарај: Се истепаа 13 роднини, се удираа со тврди предмети

Дел од Сарај е без струја, жителите на Грчец влегле во системот на ЕВН и направиле хаварија