Прилепскиот музеј заедно со инспекторатот од Управата за заштита на културното наследство денеска ја презедоа женската мермерна статуа што викендот ја пронајдоа жителите на селото Тополчани кои првенствено ги барале темелите на некогашната црква во селото.
Според Звонимир Николовски, советник инспектор во Управата ова е вредно археолошко откритие.
– Мермерната статуа е вредно откритие. Местото досега е непознато на археолошката карта.
Според првичните сознанија статуата датира од 2 век од нашата ера од античко време. Слична е со мермерните статуи што се пронајдени во археолошкиот локалитет Стибера на 5-6 километри од Тополчани. Допрва треба да се открива, вели Николовски.
Според инспекторот од Управата Илчо Бојчевски допрва треба да се види и истражи местото.
– Сега статуата ја сместуваме во прилепскиот завод и музеј. Се уште не се знае дали и како ќе се истражува местото и дали може да има други археолошки предмети,изјави Бојчевски.
Статуата без глава е во надприродна големина и е висока околу 1,80 метри. Жителите на селото Тополчани сакаат да ја обноват некогашната црква „Свети Спас“ и ќе добијат помош од општината.