Пред да одлучи Основниот суд Скопје 1 – Скопје дали ќе им биде укината мерката притвор на обвинетите во случајот „Пуч“, Зоран Верушевски и Ѓорги Лазаревски, прво бара од специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева да ги достави до судот патните исправи на обвинетите кои специјалната обвинителка предлага да им бидат одземени. Во соопштение испратено до медиумите, судот обрнува внимание на тоа дека иако се точни податоците за патни исправи, Јанева не го известила Кривичниот совет како ги добила овие податоци.
„Кривичниот совет постапувајќи по предлозите на обвинетите во кои не е наведена ниту предложено одземање на патна исправа како и по даденото мислење на специјалната обвинителка во кое се наведуваат точни податоци за патни исправи со датуми на важност кои се наведува да бидат одземени, но со оглед на тоа што обвинителката не го известила Кривичниот совет како ги добила овие податоци, ниту пак ги доставила патните исправи за кои што предглага да се одземат, Кривичниот совет се обрати до нејзе за да ги достави наведените патни исправи како би можел да одлучи по однос на предлозите и доставеното мислење“, стои во соопштението.
Од таму ги наведуваат причините кои Јанева ги дала зошто да се укине мерката притвор. Специјалното јавно обвинителство предложило укинување на мерката бидејќи обвинетите не може да влијаат на сведоци, од причина што единствениот сведок веќе бил сослушан и „немало основ за влијание врз него.“
„Па откако ќе се укине оваа точка од решението да се укинат и другите основи од чл. 165 ст.1 точка 1 и 2 и да се прифати понудената гаранција од обвинетите. Покрај ова, во предлогот стои да се определат превентивни мерки, забрана на напуштање на живеалиште и да се одземе патна исправа, точно наведена со број и датум на важност“, додаваат од судот.