Обвинителката Лиле Стефанова тврди дека продолжила со истрагата за Финансиската полиција и ексдиректорот Арафат Муареми, од онаму, каде застана суспендираната Вилма Русковска. Таа убедува дека сослушува лица, со кои Русковска, поради оддалечувањето од работното место, иако закажала термини, не успеа да се сретне лице в лице. Сепак, детали за случајот не се откриваат.
„Предметот за кој покажувате интерес е во предистражна постапка и по истиот активно се постапува, при што се преземаат низа дејствија меѓу кои и сослушување на лица чии искази според оценката на предметниот обвинител ќе придонесат за понатамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Оттаму, не откриваат дали на распит бил повикан и Муареми. Оваа информација ја кријат и велат: „Имајќи предвид дека предистражната постапка е тајна во моментов не можеме да споделиме детали кои и колку лица се сослушани“.
Стефанова и Обвинителството потврдуваат дека предметите за кои Русковска се жалеше дека не и се доставени од Финансиската полиција, сега ги добиле.
„Во случајов се работи за 380 предмети што подразбира обемен материјал за кој на Управата за финансова полиција и беше потребно време за доставување“, додаваат од Обвинителството.
За сомневањето на Русковска, дека кој и да го работи предметот по неа, ќе биде со страв поради тоа што таа е суспендирана, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат: „Предметниот обвинител активно постапува во сите предмети што му се дадени во работа, вклучувајќи го и предметот на вашиот интерес“.
Кога се отвори предистражната постапка од страна Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, беше направен претрес во Финансиската полиција. По ова, сега ексдиректорот Арафат Муареми обивни дека тој е незаконски. Од страна на Републичкото обвинителство беше направена проверка, по што го потврди ова. Вилма Русковска доби супспензија, а дисциплинска постапка се води за обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска која го потпишала барањето за претрес.