Средба на Џафери со претседателите на парламентите на Албанија и Унгарија

Од:

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, во рамки на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан, што се одржува во Будимпешта, се сретна со Грамоз Ручи, претседател на Парламентот на Република Албанија.

На средбата, соопшти Кабинетот на претседателот на македонското Собрание, двајцата соговорници изразија задоволство од високото ниво на билатералните односи меѓу двете земји и изразија очекување дека парламентарната соработка, како најлесен начин на соработка меѓу земјите, ќе продолжи да се унапредува и интензивира, како на ниво на пратенички групи за соработка, така и меѓу парламентарните комисии, при што, претседателот на Собранието на Република Албанија, ја повтори поканата за посета од страна на Џафери на Република Албанија.

Во текот на средбата, соговорниците се согласија дека со формирањето на новите влади во двете земји, се отвораат нови можности за натамошно продлабочување на соработката меѓу двете земји, на сите полиња, особено на полето на економската соработка, која што граѓаните во реалноста и најмногу ја чувствуваат.

Во тој контекст, Џафери ги нагласи напорите на новата Влада на Република Македонија во насока на градење на добрососедски односи и регионална соработка со сите земји во регионот и пошироко, а особено важноста што и ја придава на добрите и пријателски односи со Република Албанија.

– Од особено значење е и усогласеното делување во остварувањето на заеднички интереси во областа на надворешната политика, во однос на интеграцијата во ЕУ и НАТО, како и регионалната соработка, стои во соопштението.

На крајот на средбата, двајцата соговорници го поздравија донесувањето на Законот за малцинства, усвоен од страна на Парламентот на Република Албанија. Воедно, претседателите споделија и заемно уверување и очекување дека билатералната соработка меѓу двата парламента ќе продолжи и во иднина, со уште поинтензивно темпо, со што двата парламента ќе имаат можност одблиску да разменуваат мислења и искуства од парламентарното работење, меѓународната политика и други актуелни прашања.

Претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери во Будимпешта се сретна и со неговиот унгарски колега Ласло Ковер, кој е и домаќин на Осмата конференција на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан.

Џафери, како што соопшти неговиот Кабинет, изразил благодарност за отворената и континуирана поддршка на Унгарија кон Македонија во процесот на отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, како и за евроатланското интегрирање на земјите од Западен Балкан.

Тој изрази благодарност и за силната и оперативна поддршка што Унгарија ја дава на Македонија во справувањето со мигрантскиот бран и последиците од истиот. Унгарија, заедно со другите држави од Вишеградската група, обезбедува логистичка, материјална и полициска поддршка за одбрана на надворешните граници на Европската унија.

Џафери истакна дека во следниот период, фокусот на неговиот ангажман ќе биде развојот на парламентарната дипломатија, враќањето на клучната улога на Собранието во политичкиот живот во Македонија и подобрување на перцепцијата на граѓаните во однос на законодавниот дом, се додава во соопштението.

Ковер му го честитал изборот на Џафери и побарал од него куси информации за програмата на новоизбраната Влада и тековните активности во Собранието.

Воедно, тој го информирал Џафери за скорешното одржување на состанок на Комисиите за надворешна политика на земјите членки на ЕУ и земјите аспиранти за членство во ЕУ во Будимпешта, посветен на евроинтеграцијата на Западен Балкан.

Соговорниците споделија заемни уверувања и очекувања дека билатералната соработка меѓу двата парламента ќе продолжи со зголемен интензитет, особено на ниво на пратенички групи за соработка.

– Добрата парламентарна соработка реализирана преку поблиски средби и размена на искуства од парламентарното работење, меѓународната политика и други актуелни прашања, ќе претставува мост за натамошна афирмација на одличните билатерални односи меѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението од Кабинетот на Џафери.

Би можело да ве интересира

Молотови коктели на протест во Тирана

Истрагата за двојно убиство во Албанија се проширува во Македонија, уапсен за дрога во Прилеп контактирл со убиените

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Тешка несреќа во Албанија, осуммина мртви

Во несреќен случај во Албанија, загина жена од Осиек

Само Албанија е понесреќна земја од Македонија во регионот: ООН го објави извештајот за среќа

Орце Костов

Зетот на Трамп објави фотографии од луксузни архитектонски проекти за Србија и Албанија