(ВИДЕО) Хаос во Тирана: Демонстрантите запалија полицаец, гореше министерство, летаа камења и молотови коктели

Од:

Судири меѓу демонстрантите и полицијата избија во центарот на Тирана, каде што насобраните фрлаа камења и молотови коктели кон полициските сили. Полицијата употребил големи количества солзавец, додека демонстрантите ги запалија влезните врати на Министерството за животна средина.

Демонстрантите ги запалија влезните врати на Министерството за животна средина во центарот на Тирана, додека безбедносните сили употребија големи количества солзавец за да ја растераат толпата на плоштадот „Скендербег“, објави албанскиот портал „Репорт ТВ“.

Пожарот на вратите на министерството беше изгаснат по кратко време, но пламен се појави и на прозорец од истата зграда.

Во меѓувреме, голем број демонстранти се собраа на плоштадот „Скендербег“, каде што полицијата испука големи количества солзавец, пренесе „Еуроњуз Албанија“.

Полициски сили биле распоредени меѓу седиштето на Социјалистичката партија на Албанија и Куклениот театар. На плоштадот бил забележан и маскиран демонстрант кој со прачка фрлал камења кон полицијата.

Областа во близина на седиштето на Социјалистичката партија и Банката на Албанија била прекриена со солзавец.

Ситуацијата на плоштадот „Скендербег“ прерасна во директни судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Демонстрантите од страната на плоштадот кај зградата позната како „Петнаесеткатница“ фрлаа камења, тврди предмети и молотови коктели кон полицијата. Полициските сили, распоредени во близина на Банката на Албанија, зазедоа одбранбени позиции и возвратија со солзавец.

Според објавените видеоснимки, демонстрантите фрлија молотов коктел кон полицаец, кој се запали. Неговите колеги веднаш притрчаа да му помогнат и го изгаснаа огнот.

Демонстрантите се одзвале на повиците на организаторите упатени до студентите и граѓаните ширум Албанија да присуствуваат на протестот.

Вкупно 13 лица биле повредени за време на протестите во Тирана, меѓу кои демонстранти, припадници на полицијата и претставници на медиумите, соопшти албанското Министерство за здравство и социјална заштита.

Според податоците на министерството, девет повредени лица биле згрижени во Универзитетската клиника за трауматологија. Меѓу нив имало седум демонстранти и двајца медиумски работници.

Еден од повредените демонстранти имал повреда на окото и бил подложен на дополнителни прегледи, но не бил во животна опасност.

Пет лица ја напуштиле болницата по укажаната медицинска помош, додека четворица демонстранти продолжиле со прегледите и лекувањето.

Во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ биле згрижени уште еден демонстрант и еден полицаец. И двајцата биле пуштени по добиената медицинска помош.

Медицинска помош во поликлиниката за специјалистички услуги број 2 во Тирана добиле и двајца полицајци со повреди на очите.

Според „Еуроњуз Албанија“, протестот на Демократската партија се одржува во знак на солидарност и поддршка на студентските протести, кои траат веќе 12 дена.

Би можело да ве интересира

Маскирани хрватски полицајци претепале мигранти на границата со БиХ, пет лица со скршеници

Нови оставки во хрватската психијатриска болница по смртта на 32-годишниот пациент Кристијан Периш

СНСД и ХДЗ нема да влезат во власта едни без други

Драма над Хрватска: „Рафал“ пресретна авион по дојава за бомба

Атина: Повеќе од 50 лица вооружени со палки упаднаа на еден собир и фрлија молотови коктели

Париз не се откажува од солзавецот и шок-бомбите: Полицијата мора да се брани