Албанија влегува во ЕУ до 2030 година? Договорот за пристапување би можел да биде потпишан во 2028 година

Од:

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Албанија би можела да стане членка на Европската Унија до 2030 година, додека договорот за пристапување би можел да биде потпишан во 2028 година.

Тоа би се случило доколку реформите продолжат со предвиденото темпо и земјите членки дадат согласност во сите фази од процесот.

Марта Кос, на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, изјави дека Албанија веќе на крајот од следната година би можела да биде блиску до завршување на преговорите за членство, пренесува Euronews Albania.

Според неа, доколку се постигнат резултати во спроведувањето на реформите и земјите членки дадат зелено светло, следниот чекор би бил формирање работна група за изработка на договорот за пристапување.

„Доколку сè се одвива според планот, договорот би можел да биде потпишан во 2028 година. Во зависност од процесот на ратификација и визијата на вашата влада и граѓаните, Албанија би можела да стане членка на Европската Унија до 2030 година“, изјави Марта Кос.

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека процесот на пристапување во ЕУ нема однапред утврден рок, бидејќи не зависи само од исполнувањето на обврските на земјата кандидат, туку и од едногласната одлука на сите 27 земји членки на Унијата.

Тој го спореди процесот на европска интеграција со образованието, истакнувајќи дека членството не може да се гледа како школување со однапред определен датум на завршување.

Рама потсети дека Албанија во изминатите години се соочувала и со политички пречки во процесот на европска интеграција. Како што рече, одредени земји членки го блокирале напредокот и покрај позитивните оценки на Европската комисија за спроведените реформи.

Според него, европската интеграција претставува можност Албанија да ги унапреди институциите и да изгради држава која подобро ќе одговори на потребите на граѓаните.

Рама порача дека Албанија ќе продолжи да ги исполнува обврските од пристапниот процес, и покрај тоа што конечниот датум за членство не зависи исклучиво од одлуките на Тирана.

Би можело да ве интересира

Кој е Радомир Саичиќ, кандидатот на Студентската листа за претседател на Србија?

Песков: Русија нема да реагира на ултиматуми, туку ќе ги штити своите интереси

Романија го поддржува новиот кредит на ЕУ за Украина, Дан не верува дека Русија сака мир

Захарова: Помалку пари за Европејците, милијарди за Киев

Чупиќ: Европските вредности треба да ги прифатиме заради граѓаните, а не поради Брисел

Пицула: Вистинскиот тест за новата влада во Србија допрва претстои