Советување за Законот за прекршоци во практичната примена

Од:

Измените и дополнувањата на Законот за прекршоците се во финална фаза, изјави денеска министерот за правда Блерим Беџети на годишното советување на тема „Законот за прекршоците на Република Македонија во практичната примена”.

Тој додаде дека сугестиите и предлозите изнесени од експертите на советувањето ќе им помогнат на членовите на Работната група при Министерството за правда во креирањето на една практична, ефикасна и успешна прекршочна област.

Во изминатите шест години при примената на Законот за прекршоците, како што посочи Беџети,  се покажа дека голем дел од законските решенија се успешно применливи во праксата, меѓутоа, како што додаде, воочени се и дел од законските одредби кои се неуредни, непрецизни и недоречени.

– Како најпрблеметични одредби од Законот за прекршоците се воочија оние кои се однесуваа на постапката за порамнување со платниот налог и начинот на пресметување на изречената глоба при порамнувањето, постапката за посредување, мандатната постапка, непредвидувањето на „општокорисна работа“, неуредувањето на „продолжен прекршок“ за правното лице како сторител на прекршок,  рече министерот.

Во контекст на тоа додаде дека проблематично е и несоодветно уредување на надлежноста на прекршочните органи по однос на износот на глоба, несоодветното уредување на судската заштита против одлуките кои ги донесуваат прекршочните органи, несоодветното уредување на прекршочната постапка што се води пред надлежниот суд кога е во прашање порамнувањето со платниот налог, како и трошоците на постапката.

Министерот Беџети рече дека конкретниот пресврт што го воспостави Законот за прекршоците од 2006 година предвидува покрај судовите, прекршочната постапка да може да се одвива пред органи на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, ако со материјалните закони тоа е предвидено.

Говорејќи за примената на Законот за прекршоци, претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски истакна дека има широка листа  на отворени прашања во неговата имплементација, за кои денешната расправа ќе даде голем придонес.

Камбовски рече дека со постапувањето на Управниот и на Вишиот управен суд по предмети од ваква природа полека почнува да се оптоварува работењето на овие судови. – Тоа несмее да се допушти, бидејќи ако се случи тоа во овој дел реформата на судството не би достигнала ништо. Симнувајќи ги тие предмети од надлежноста на судовите ги растоваривме со стотици илјади предмети, но ако тие предмети повторно се вратат и го блокираат Управниот суд и Вишиот управен суд, а тоа е повторно надлежност на судовите, ние само привремено сме одложиле еден тежок проблем од една страна прикажувајќи намалување на бројот на судските предмети и со тоа зголемување на ефикасноста на судовите, а пробелмот на мала врата се враќа во судството, истакна Камбовски.

Професорот во пензија Љупчо Арнаудовски  посочи дека околу милион луѓе во Македонија годишно ги чувствуваат последиците од Законот за прекршоците. – Важно е овој Закон да се применува доследно затоа што полето  на загарантираните слободи и права на човекот најмногу се остваруваат преку него, рече Арнаудовски, додавајќи дека Законот се подготвуваше да биде превентивен, а не како Закон за казнување и репресија.

Според него, примената на Законот за прекршоците покажува дека тој e најрепресивниот закон во државата.

– Нашата расправа има за цел да се обидеме да го направиме овој Закон да биде превентивен. Со тоа што извршивме измени на Уставот и пренесовме надлежност и на управните органи го повредивме основното начело на поделба на власта, пренесувајќи ја судска власт на управните органи, истакна Арнаудовски.

Учесниците на советување акцент ставија на практичната примена на одредбите на Законот од страна на судовите и органите на државна управа овластени да изрекуваат прекршочни санкции, како и организацијата и функционирањето на овие органи и извршувањето на санкциите изречени во прекршочна постапка.

На советувањето присуствуваа претставници од секторите за прекршоци од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за економија, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Управниот суд на Република Македонија, апелациските и основните судови, како и од Комисијата за измени и дополнување на Законот за прекршоците при Министерството за правда и правните факултети од државниот и приватните универзитети и Факултетот за безбедност.

Годишното советување на тема „Законот за прекршоците на Република Македонија во практичната примена” се одржа во организација на Здружението за кривично право и криминологија во соработка со Македонската академија на науките и уметностите.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Интервју со Огненовски: Треба да имаме доживотни и смртни казни за сите што ја пљачкаат Македонија, да се конфискува се што е нелегално стекнато од 1991 година наваму

Почина академик Јордан Поп-Јорданов

Горан Наумовски

Попов: МАНУ има капацитет да ѝ помогне на државата во справувањето со тешките општествени појави

Горан Наумовски

Претседателот може да помилува само осудени, не и кривично гонети: Предлог законот за помилување во Собрание

Орце Костов

Усвоена Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година

А1он

Меџити: Со новата медицинска опрема во МАНУ резултатите готови за еден ден