Советникот на премиерот, Миле Зечевиќ, на листата адвокати на МЕПСО

Од:

Миле Зечевиќ, советникот на премиерот Зоран Заев за адвокатски услуги, лани бил ангажиран и како адвокат за Македонскиот електропреносен оператор МЕПСО. На документите кои „А1 он“ ги доби преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер од МЕПСО се гледаат сите ангажирани адвокати на компанијата во периодот од 2014 до 2018 година, меѓу кои се наоѓа и Зечевиќ. Она што е јасно забележливо од документите е дека компанијата, зависно од тоа кој е на власт, ангажира и адвокати блиски до актуелните владејачки структури.

Зечевиќ бил ангажиран во период од една година, од лани во април до април годинава и за ангажманот договорен во четири очи, за интелектуални (адвокатски) услуги за застапување во парнични спорови со консултантски услуги од делокругот на работењето на МЕПСО, во 2018 година добил 38.964 денари, или нешто над 600 евра.

Миле Зечевиќ работи како адвокат и е долгогодишен член на раководството на СДСМ. Беше директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, шеф на изборниот штаб на партијата на локалните избори во 2017 година. Со доаѓањето на СДСМ на власт, премиерот Зоран Заев го именува за надворешен советник за адвокатски услуги. Истата 2018 година кога тој го склучува договорот со МЕПСО, Зечевиќ беше ангажиран и како член на Надзорниот одбор на Стопанска банка – Битола на предлог на АД „Пелистерка“.

Во одговорот што го доби „А1 он“ пишува дека МЕПСО за адвокатски услуги ги ангажирал и адвокатот Марјан Николовски за вонпроцесни спорови и управни постапки и членот на надзорниот одбор на Адвокатската комора, Влатко Ристовски, за застапување во трговски-стопански спорови. На Николовски му биле исплатени 418.480 денари или 6.800 евра, а на Ристовски 3.109.041 денар, односно, 50.500 евра.

На листата на МЕПСО за ангажирани адвокати се и поранешната министерка за правда Мери Младеновска, која за едногодишниот ангажман добила 749.489 денари, односно приближно 12.200 евра. Адвокатското друштво „Костиќ, Велковски и Цветановска“ за едногодишниот ангажман добиле 224.219 денари, односно приближно 3.600 евра. Сите адвокати биле ангажирани непосредно бидејќи од 2016 година адвокатските услуги се иземени од Законот за јавни набавки.

Плаќањето на договорите се вршелo во согласност со адвокатската тарифа на Адвокатската комора и финансиските планови на МЕПСО. Вкупната сума што МЕПСО лани ја исплатил за адвокати е 74.217 евра и е највисока од 2014 година.

В. Маглешов / М. Јордановска

Би можело да ве интересира

Листите на адвокати по службена должност во полициските станици во Скопје стари по 12 години

Властите им дозволија на турските адвокати да влезат во Анкара

Жарко Настоски

Турските адвокати протестираа против правосудната реформа

Жарко Настоски

Едни те исти адвокати и нотари им се омилени на општините

Васко Маглешов

Почина адвокатот Игнат Панчевски

А1он

ВИДЕО: Колку ќаруваат адвокатите блиски до власта од зделките со јавните претпријатија?

Васко Маглешов