Со мерките за загаденоста, властите се борат со последиците наместо со проблемот

Од:

Над 150 деца во моментов се хоспитализирани на Детската клиника, а голем дел од нив се соочуваат со респираторни нарушувања поради загадениот воздух. Кај оние кои страдаат од астма, здравствената состојба им се влошува кога воздухот е загаден, а голем дел од децата се примени на клиниката поради бронхо-опструкции.

Иако Градот Скопје и Владата излегоа со препораки и мерки против алармантното загадување на воздухот, активистите за заштита на животната средина не се задоволни од начинот на кој државните институции се справуваат со овој проблем.

Македонскиот Устав предвидува дека „секој човек има право на здрава животна средина, а Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“, но нема никаква одговорност за кршењето на Уставот – досега не е утврдено ниту на што се должи енормното загадување на воздухот во земјава, а нема ниту конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето. Она што може да се види на дело е борба со последиците, а не и со причините.

Има пожар, а Градот ангажира доброволци да плукаат за да го изгаснат

Драгана Велковска, активистка за заштита на животната средина и советник во Градот Скопје од „Левица“ вели дека денешните прогласени мерки на Градот се доказ дека сме општество на парадоски.

„Кога гледам дека главна мерка која ќе ја спроведе Градот е „бесплатен јавен превоз“, тоа за мене е еден од главните докази дека сме општество на парадокси, кое којзнае дали ќе доживее да види челници кои се правични, кои имаат и знаење и волја за напорна работа. Според студијата на МАНУ и студијата на УГД и Фармахем презентирани во организација на Град Скопје, загадувањето со РМ10 честици најмалку се должи на сообраќајот, што значи уделот на сообраќајот во загадувањето со РМ10 е толку минорен што и целиот сообраќај да застане нема да има значителен ефект врз концентрацијата на РМ10 честиците. Паралела на ова би било: избувнува пожар и Градот ангажира доброволци да плукаат за да го изгасат“, вели Велковска.

Според неа, недозволиво е да се водат контрадикторни политики: да им се прогледува низ прсти на големите загадувачи затоа што тие „ја држат“ економијата; да се дозволува уништување на зелени површини во корист на урбаната мафија; да не се работи на градска стратегија за искористување на обновливи извори на енергија зашто гасот не е решение туку е дел од проблемот; да се уништуваат белите дробови на Скопје за гасовод кој нема ни да го напојува главниот град.

„На овој град и на оваа земја им се потребни прецизни нефингирани мерења за лоцирање на сите загадувачи и нивна систематизација, приземна и веднаш спроведлива стратегија за постапување по добиените резултати со крајна цел доведување на загадувањето до гол минимум во склад со европските критериуми“, вели Велковска.

Децата се најзагрозена, но не и единствена категорија граѓани чие здравје се нарушува поради загаденоста

Д-р Мими Кимовска Христов, педијатар и еко-активист, вели дека најзагрозената категорија лица од аерозагадувањето се децата, а се уште во секое основно училиште не се поставени прочистувачи на воздух, иако податокот е дека внатрешно-амбиенталниот воздух достигнува и до концентрација од 600 ПМ10 честички на метар кубен.

„Владата и Градот Скопје треба да излезат и со конкретни препораки за загрозените категории лица, како на пример оние со хронични заболувања, заболувања на циркулаторниот систем, лицата со ХОББ, а секако и бремените жени кои поради загаденоста на воздухот подлежат на ризик од абортуси и предвремени породувања. Дали институциите имаат план за можните последици по се уште незачнатите плодови, бидејќи докажано е дека загадениот вопздух има и огромно влијание при настанувањето на мутации кај луѓето што ќе се одрази на следните генерации“, прашува Саздовска Христов.

Таа вели дека е свесна дека сето она што се прави не го решава проблемот, туку само ги лечи последиците, но сепак упатува дека во вакви ситуации, децата и возрасните треба да носат маски со карбон-филтер при престој на отворено, да се избегнуваат спортски активности надвор додека е загадено, а сите што се во можност да се снабдат со прочистувачи на воздух во своите домови.

За првпат завчера Скопје се најде на прво место како најзагаден град во светот. Екстремно високо беше загадувањето и вчера, кога речиси и да немаше дел од земјава со вредност на ПМ10 честички во рамките на нормалата, односно максимални 50 микрограми на метар кубен.

Вечерва аерозагадувањето е намалено за нијанса, но се уште е над предвидените нормални вредности.

Мери Јордановска

Би можело да ве интересира

ИКС: Да зборуваме повеќе за животната средина во време на растечка еколошка криза

Стојковски: Несовесни граѓани во моментот се главните причинители за загадување на воздухот

Државата е еден од најголемите загадувачи: Над 700 институции користат греење со кое го трујат воздухот, најголем дел се во училишта и градинки

Орце Костов

СДСМ: Градоначалниците на ДПМНЕ не преземаат ништо против загадениот воздух во Скопје,

Катерина Ѓуровски

Шукова: Граѓаните да користат суво дрво, 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата

Орце Костов

Воздухот енормно загаден, а пратениците одбиваат амандмани за Буџетот со кои ќе се намали аерозагадувањето

Орце Костов