Државата е еден од најголемите загадувачи: Над 700 институции користат греење со кое го трујат воздухот, најголем дел се во училишта и градинки

Од:

Загадувањето на воздухот во Македонија доаѓа од многу правци, а државните институции кои користат нееколошки енергенси се меѓу најголемите загадувачи. Анализата на јавните објекти на државната и на локалната самоуправа покажа дека вкупно 709 институции во земјава се греат со нееколошки системи кои како енергенси користат дрво, мазут, нафта и пелети.

Професорот д-р Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип кој е експерт на темата загадување и заштита на воздухот за „А1он“ вели дека институциите кои се греат на нееколошки горива се сериозни загадувачи на воздухот затоа што работат со многу моќни системи.

– Институциите имаат моќни системи, ако се греат на нееколошки горива како мазут, дрва и нафта, сигурно се сериозни загадувачи. Приватната куќа има мала моќност, а институциите располагаат со моќност од 30, 50 па и 100 киловати, значи се поголеми од стан или куќа десет пати најмалку. Овие потрошувачи во урбаните зони се загадувачи – објаснува Мираковски.

На дигиталниот регистар на Министерството за животна средина и просторно планирање кој беше првично изработен за евиденција на издадените еколошки А и Б дозволи за компаниите во земјава, постои база на податоци и мапа на сите јавни објекти под надлежност на државната и локалната самоуправа кои имаат доставено податоци како што се локација на институцијата, видот на гориво кое се користи за загревање, неговата потрошувачка и капацитет на ложиштето.

„Генерална проценка е дека значителен број од јавните институции користат системи за греење кои како гориво користат екстра лесно масло за горење (нафта) и дрва, додека одреден број користат мазут (главно здравствени установи) како гориво за греење. Јагленот како гориво е незначително застапен. Одреден број институции користат природен гас за загревање преку изградена градска топловодна мрежа или во општините каде има изградена гасоводна мрежа или во сопствени системи за греење. Исто така, постојат институции, но не во голем број кои користат пелети како гориво за загревање како и електрична енергија“, велат за „А1он“ од Министерството за животна средина и додаваат дека на почетокот на 2024 година ќе излезат со нови податоци и проценки за државните загадувачи.

Според базата на податоци, на дрва се греат 82 објекти и само кај пет од нив постои можност за замена на греењето со пелети или фотоволтаици. Јавното претпријатие Национални шуми користи дрво за греење на подружниците ширум земјава и за нив троши 1158 метри кубни за една сезона. Најмногу објекти кои се греат на дрво се подрачните единици на Управата за водење матични книги и објектите на подружниците на ЈП Национални шуми. Ниту еден од објектите не се наоѓа во Скопје.

На мазут од државните институции се грее само ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Битола. Таму нема можност за замена на постоечкото греење со друг поеколошки енергенс.

На јаглен се грее само Центарот за култура „Бели Мугри“ од Кочани кој троши 10-15 тони јаглен. Има можност да го замени јагленот единствено со грееење на дрво и за таа намена се обезбедени околу 250.000 евра за измена на горивото.

Центар за култура „Бели Мугри“ во Кочани

На нафта се греат 135 објекти на државната управа меѓу кои подрачни одделенија на Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за правда, за земјоделство, за култура, матични подрачја на Управата за водење матични книги, Фондот за ПИОМ и Царинската управа. Во 17 објекти може да се изврши замена на енергенсот, да се грејат на струја или на гас. Најмногу, 50 тона, троши Народниот театар во Битола, а вкупно се трошат околу 660 тона нафта годишно или нешто над 800.000 евра за греење на нафта.

На електрична енергија која е еколошки енергенс се греат 152 објекти на државната управа, додека на гас се грее само подрачната служба на фондот за ПИОМ во Струмица.

На централно греење/парно се приклучени 45 објекти, најголем дел од Скопје, а има неколку од Кочани и од Гостивар. Тоа пред се се институции под министерство за култура на територијата на Скопје, неколку државни агенции, зградата на Врховен суд во Скопје, Државна лотарија, Државен завод за статистика, Центар за вработување, Спортски центар „Борис Трајковски“, Фонд за ПИОМ, Службен Весник и една зграда во затворот Идризово во општина Илинден.

На обновлива енергија, односно соларни панели и геотермални пумпи се загреваат три објекти: Гаражата и работилницата на КПУ Идризово, новата зграда во отворено одделение и ново полуотворено одделение во Идризово.

На пелети се греат 18 објекти на државната управа, најголем дел од нив се подрачни единици на Центарот за вработување. Центарот за култура во Гостивар троши околу 25 тона годишно за греење и тој има опција да го замени греењето со поеколошки енергенс – електрична енергија.
Комбинирано греење со дрва/струја, дрво/пелети, нафта/обновлива енергија и струја/централно греење користат 36 институции или објекти на државната управа.

Кај единиците на локалната самоуправа, дрво како енергенс користат 142 објекти и најголем дел од нив, вкупно 115 се основни училишта во села и помали населени места. Кај овие објекти има можност за замена на повеќе од 80 системи. Во најголем дел од нив може да се замени дрвото со пелети кои не се еколошки, но се енергетски ефикасни, додека останатите имаат можност да се грејат на струја и на гас.

На нафта се грејат 272 објекти во општините, а 90 отсто од нив се детски градинки и основни и средни училишта. Само 58 објекти можат да ја заменат нафтата со поеколошки енергенс како струја, гас или пелети.

На електрична енергија се греат 94 објекти од локалната самоуправа. Гас користат 16 објекти, три училишта, библиотека, комунално претпријатие и 11 детски градинки, сите во Струмица и Куманово, единствените градови кои се гасифицирани во моментов.

На централно греење се грејат 62 објекти од локалната самоуправа, односно училишта и градинки, а ниту еден објект од локалната самоуправа не се загрева на еколошки геотермални пумпи и сончеви колектори. На пелети се грејат 57 објекти од локалната власт, исто така најмногу од нив се детски градинки и основни училишта. Кај седум од нив може да се изврши замена на грејниот систем на гас.

Вкупно 40 институции се загреваат на комбинирано со користење на неколку енергенси како дрво, нафта, пелети или струја и нафта. Повторно од нив најмногу се училишта и градинки, но има и неколку домови за стари лица. Кај 12 објекти постои можност за замена со струја или обновлива енергија, но нема одговор дали имаат обезбедено пари за таа намена.

Најголем дел од овие институции не одговориле дали имаат обезбедено средства за замена на грејните системи и дали воопшто аплицирале некаде за добивање на средства за таа намена.

– Ако се променат системите за греење во објектите на државните институции, можеби нема да биде видливо, но ќе се намалат вредностите на загадениот воздух. На пример, јас во Скопје би ги задолжил училиштата да имаат филтри за прочистување на водухот. Ние на универзитетот во Штип тестиравме три четири вида на филтри и сите чистат исто од најевтин до најскап, така што не е голема инвестиција да се инсталираат но би биле доста ефикасни – вели универзитетскиот професор Дејан Мираковски за „А1он“.

Промената на начинот на греење кај домаќинствата бара повеќе време, едукација и големи финансиски средства. Но, за да се замени греењето во објектите на институциите под државна и под локална управа со алтернативни и поеколошки средства потребна е само политичка волја.

– Ќе тргнам од нас, ние на универзитетот во Штип користиме екстра лесно или нафта, таа не е голем загадувач на воздухот, но не е еколошко гориво и системот е скап за користење и одржување. Ако ни дозволат со помали инвестиции би биле поефикасни и помали загадувачи. Државата може да инвестира и да каже: ние ќе дадеме толку, институциите толку и ќе мора да се смени системот на греење. Ако се направи притисок на институциите, може да се промени многу. Но, за жал ние зборуваме за загаден водух само во овој период кога луѓето ги интересира темата – коментира професорот Мираковски.

И од министерството за животна средина велат дека паралелно со мапирањето на институциите се работи на замена на нееколошките системи за греење паралелно со спроведување на проекти за зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти, што, според МЖСПП влијае на помала емисија во воздухот од согорување на фосилни горива.

Греење во објекти на локална самоуправа

„Со проект на Министерството за здравство, во вредност од 17.413.711,00 денари, поставен е комплетно нов систем на загревање со течен гас (ТНГ) во Специјалната Болница по Гинекологија и Акушерство „Мајка Тереза” – Чаир во Скопје. Министерството за одбрана донесе План за повисоки еколошки стандарди во одбраната со период на реализација 2022-2024 година кој опфаќа замена на енергенсите за загревање на објектите на армијата, план за поставување фотоволтаици на касарните, енергетска ефикасност и реновирање на топлинската дистрибутивна мрежа во армиските касарни.

МВР има спроведено проекти во повеќе објекти во надлежност на МВР кои опфаќаат зголемено учество на обновливите извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност, а сите нови градби на објекти што се под надлежност Министерството за правда од 2018 година до денеска, се направени со материјали кои се енергетско ефикасни.

Во рамките на проектот ЕУ за чист воздух, започнати се технички проценки на идентификуваните објекти со цел реализација на една од целите на проектот; замена на застарени и неефикасни котли во 70 јавни објекти со што ќе се елиминира употребата на нафта за греење во истите и намалување на емисиите на PM2,5, PM10, SO2 и CO“, образложија од Кабинетот на министерката Каја Шукова.

Mеѓуопштинскиот центар за социјални работи во Битола користи мазут

Во моментов се спроведува проект на ЕУ во вредност од 10 милиони евра, но тој проект е наменет само за четири големи градови: Скопје, Битола, Куманово и Тетово. Целта на проектот е да се намалат емисиите на загадувачки материи, пред се PM2.5 и PM10 преку замена на застарени и неефикасни котли во 70 јавни објекти во овие градови со што ќе се елиминира употребата на нафта за греење во истите. Со овој проект треба намали загадувањето од јавниот превоз во Скопје преку модернизација на возниот парк со шест нови (CNG) еко автобуси, ќе изврши урбано зазеленување, ќе се изработи Физибилити студија за проширување на мрежата со парно греење во Скопје и ќе се инсталираат мобилни станици за мониторинг на квалитетот на возухот.

Оваа сторија е продуцирана со поддршка на регионалниот проект „SMART Balkans – Зајакнување на улогата на медиумите во справувањето со климатските промени“ имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (CRPM) и Институтот за демократија и медијација (IDM) и финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМФА). Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразува ставовите на Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМНР).

Би можело да ве интересира

ИКС: Да зборуваме повеќе за животната средина во време на растечка еколошка криза

Едукативна кампања на Центарот за одржлив развој „Алка“ за зачувување на животната средина

Орце Костов

Антикорупциска испитувала непотизам на битолскиот универзитет: Вработен професор кој бил второрангиран

Стојковски: Несовесни граѓани во моментот се главните причинители за загадување на воздухот

СДСМ: Градоначалниците на ДПМНЕ не преземаат ништо против загадениот воздух во Скопје,

Катерина Ѓуровски

Шукова: Граѓаните да користат суво дрво, 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата

Орце Костов