Со лажни вести и со тези за „промовирање педофилија“ се противат на воведувањето сексуално образование

Од:

– (ФОТО) Децата ќе гледаат фотографии од хомосексуалци во учебниците за 2-ро одделение?
– Дел од родово-сензитивното образование објавен од Граѓанското здружение „Од нас, за нас“, родителите гневни поради содржината
– НОВИОТ КОНЦЕПТ НА ЦАРОВСКА: Учениците ќе учат за истополови бракови и ќе гледаат слики со бакнежи меѓу девојче и девојче и момче и момче
– Дел од родово-сензитивното образование објавен од Граѓанското здружение „Од нас, за нас“, родителите гневни поради содржината у второ оделение ќе учат за ле*бејки и пе*ери

Ова се само дел од насловите во некои македонски портали, кои објавија текстови повикувајќи се на фотографија објавена од страна на Граѓанското здружение за човекови права „Од нас, за нас“, со коментар „сакате ли вашите деца да гледаат слики- како прикажаната, за време на школските часови?“.

Веста дека сексуалното образование ќе се изучува од второ одделение ја сподели и Јелена Жугиќ, советничка во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на својот профил на Фејсбук, со обраќање до министерката за образование Мила Царовска.

„Од второ одделение?!? Од ВТОРО?!? Невладино владина госпоЏице, на таа возраст децата воопшто не се идентификуваат себе си по пол, туку по добри и не толку добри деца, по другарче кое подава рака кога ќе паднеш и по она што те бутнало, сопнало, случајно или намерно. Кому вие тоа сакате да НАМЕТНЕТЕ сексуално воспитување кога на децата на таа возраст такво воспитување воопшто не им е во фокус на интерес и потреба. ЗОШТО?!?!“, напиша Жугиќ.

Сашо Тасевски, актер и поранешен директор на Драмскиот театар, на социјалните мрежи жестоко го критикува воведувањето на сексуално образование во училиштата, тврдејќи дека овие програми ги прават луѓе „платени од исти фондации и институти“. Тој ја повика министерката Царовска јавно да ја обелодени содржината за сексуално образование.

„Еве што ќе ги учат нашите деца во основно. За блажотијата на аналниот секс. За убавините на педерастијата. Дека е нормално синот ваш со другарот од клас да се бакнува. Ќерката ваша со другарката. А има и дел каде на децата им се вели: Не ви требаат родителите оти тие понекогаш немаат одговори на вашите прашања. Да бе ние како родители немаме одговори за нашите деца, ама оние во ЛГБТ имаат. Тие треба да ги учат, не ние. Тоа се опасни методи за контрола врз децата кога им велиш, твоите родители не се добри за тебе. Нема долна граница детето да почне со секс. Може ако сака од десет години, од девет. Ова се тези кои промовираат педофилија. Уживајте во читањето. Овие програми се слични на цел Балкан. Ги прават луѓе платени од исти фондации и институти“, пишува Тасевски.

Инаку, фотографијата која што ја спори граѓанското движење „Од нас за нас“ е преземена од Србија, а истата е објавувана уште во 2017 година, кога во државата се развила дебатата за сексуалното образование.

Ниту Тасевски, ниту Жугиќ не одговорија на нашето барање за изјава во врска со објавените лажни информации дека сексуалното образование ќе се воведува од второ одделение, како и за споделувањето на спорната фотографија која не е од Македонија. Нивен став побаравме и за тоа со аргументи се противат на пилот-проектот за сексуално образование.

Министерката Царовска денеска ја демантираше информацијата објавена во дел од медиумите, а кои произлегоа од Фејсбук групата „Од нас за нас“ за наводните содржини во учебници за второ одделение за изучување на сексуалното обарзование.

„Веста е целосно лажна, а користените илустации воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем. Ги повикуваме граѓаните, родителите и учениците да не подлегнуваат на непроверени информации коишто се шират на социјалните медиуми, затоа што со истите се нанесува директна штета на Министерството за образование и наука, како и на целиот образовен систем“, реагираше Министерството.

На ова, на Фејсбук се огласи Јелена Жугиќ, советничката во Град Скопје.

„Наместо официјален демант од МОН, со давање на увид во јавноста како точно изгледа “реформата во образованието”, увид во предлог програмата (нека е и работна верзија), за информацијата за воведување на сексуално воспитување во второ одделение, за кое алармирав со ФБ статус, повикувајќи се на изјавата дадена во главните вести на 28ми јануар на Тв Сител, од претседателката на Републичката Комисија за Образование на ВМРО ДПМНЕ, почитуваната проф Весна Јаневска, сдс ја активира машината за креирање, а не за детектирање на “лажни вести”. Веќе денес сум предмет на посочување за пример на личност “која претендира да биде власт” и “шири лажни вести”. Класичен, школски пример за дефокус на јавноста од конкретната тема за која имав конкретен став, поставив конкретни прашања и побарав демант доколку е дезинформација“, пишува Жугиќ.

Според официјалните информации, во септември годинава треба да стартува пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование во 9-ти степен на основното образование, која Владата ја одобри во 2019.

Пилотирањето треба да се спроведува во четири училишта од земјава, на албански и на македонски јазик.

Би можело да ве интересира

Повици за парични награди за освоени медали на научни олимпијади и за први три места на меѓународни натпревари по математика и природни науки

„Министерката ми се закани дека ќе ме избрка“: Советничка во МОН била вознемирувана од Шаќири и Царовска

Орце Костов

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Објавени се резултатите од конкурсите за доделување ученички стипендии за учебната 2023-2024

Објавени повиците за финансиска поддршка за ученици и студенти

Катерина Ѓуровски

Левица:Историчарите ги бојкотираат учебниците по концепција на Царовска