Случај „Рашковски“: Хонорарци во Владата му враќале дел од примањата со кои купувал имот и враќал кредити, а обвинет е дека местел тендери

Од:

Обвинителката Вилма Русковска го уверуваше судот дека ќе докаже како ексгенералниот секретар набавувал два софтвера, кабини и камери, без тие да бидат потребни, ниту имало можност да се имплементираат. Според Русковска, Рашковски набавувал од фирмата на Даниел Станчев, па постојано му кажувал како течела јавната набавка, а кога се наддавало, Рашковски, иако не смеел, му кажувал и со која цена да настапи фирмата „Инвока груп“, каде што Станчев е управител.

За неа, изборот јавната набавка да ја добие токму оваа фирма не е случајност бидејќи откога е основана, најголемиот дел од приходите е од Генералниот секретаријат на Владата. Обвинителката е децидна дека Рашковски водел и директна контрола врз фирмата на Станчев, со кого се знаеле од порано. Рашковски имал псевдоним, кој Русковска не го откри.

„Теоријата на моќ, еквиваленција, жртва и теоријата на суверенитет, која е доминантна во 21 век. Секој граѓанин треба да придoнесува со своите средства за државата. Секој граѓанин е должен да обезбедува дел од својот приход, а народот очекува рационално да ги троши нивните пари. Ќе го увериме судот дека Драги Рашковски како генерален секретар на Владата нерационално, неекономично и непродуктивно ги трошел народните пари за набавка, кабини, софтвери, камери, кои не се користат и три години по нивното набавување. Некои од нив не се наоѓаат ниту во Владата. Ќе докажеме дека Рашковски ја злоупотребувал функцијата за свои цели. Софтверот не се користи и по две години по набавката. Дали може и воопшто да се користи при постоење законска регулатива, факт што бил познат на обвинетиот при набавката на софтверот, кој Обвинителството ќе го докаже. Ако се имаат предвид законските одредби и надлежности на Генералниот секретаријат, јасно им е на сите дека тој нема надлежност да снима и издава казни за возење со брзина поголема од дозволената. Овде има друга заднина, а тоа е патентот на Драги Рашковски, односно неговиот личен интерес. Софтверот е нефункционален и затоа не се користи. Тој е предаден во 2020 година кога требало да се имплементира. Обвинителската постапка е почната пред не цела година, па ако тој можел да се стави во функција, имало време тоа да се направи. но очигледно е дека тоа не било вистинската цел со набавката на овој софтвер. Оваа постапка придонесе граѓаните да дознаат дека биле потрошени над четири милиони денари за нешто што било заборавено и не било ставено во функција, а интервенциите во софтверот се правеле по објавувањето на овој настан“, рече Русковска.

Тука, според Русковска, имал помош од обвинетите Игор Христов и Ивица Димитровски, кои постапувале според напатствија од Драги Рашковски. Па, така, набавен бил уште еден софтвер, овој пат за биометриска идентификација. Тој ниту денес не се наоѓа во Владата, а ниту кабините што Рашковски ги набавил, тие стојат во поранешната фабрика „Стаклара“ и не се користат. Русковска рече дека се набавувале софтвер и кабини, кои таа ги карактеризира како скапи и непотребни. Системот за биометриска идентификација бил изработен од Ивица Димитровски пред предметната постапка заедно со камерите и кабините. Па Рашковски заедно со Димитровски направил и спецификација за јавна набавка. Потоа фирмата „ГБЦ системи“ на Игор Христов, без да добие спецификација, се понудил да ги набави, тврди Русковска. Со парите од набавката, според обвинителката, се набавило возило „волво“ за кое овластена да го управува била неговата сопруга.

„Обвинителството дојде и до сознанија за набавка на систем од страна на генералниот секретар, а кој повторно ниту една институција не го барала, ниту се користел, а тоа е системот за биометриска идентификација вреден над 6,5 милиони денари. Ќе се докаже дека обвинетиот, помогнат од Ивица Димитровски, почнал со креирање систем за издавање биометриски документи, а за кој надлежно е МВР. Фактот им е познат на двајцата обвинети. Дека и овој систем не бил за граѓаните, туку за материјалните интереси на обвинетите, ќе се уверите од доказите преку кои ќе се утврди дека овој систем воопшто не се наоѓа во зградата на Владата иако е исплатен во целост. Покрај докази за ваквите факти, ќе докажеме дека системот, иако не се наоѓа во зградата на Владата, за него Рашковски им исплатил 610 илјади денари на вработените за негово користење, а дополнителни пари се потрошени за тестирање на системот. Ќе произлезе и дека обуки не биле спроведени ниту, пак, можел системот да биде тестиран кога тој не бил завршен и имплементиран“, изјави Русковска.

Со помош на Ирена Ивановска ги ангажирал Игор Ивановски и Маја Сиљановска, кои не исполнувале никаков договор, туку исплатените средства на нивните сметки ги ваделе во готовина и му ги давале на Драги Рашковски, посочи Русковска. Двете лица, според обвинителката, биле блиски од доверба на Ивановска.

„Дека Сиљановска не ги исполнувала работните обврски, ќе се уверите дека Ирена Ивановска, што стои и во извештаите за работните ангажмани, па таа во седми месец ги креирала извештаите за претходните четири месеци. Обвинителството ќе докаже дека Сиљановска за секој месец изготвувала извештаи, ги праќала кај Ивановска, па добивала пари од авторска агенција, па преку Ивановска му ги предавала на Рашковски. Кога му се брзало на Рашковски да ги добие парите, Ирена давала свои пари додека тие да стигнат. Вкупните хонорари се 1.320.000 денари. Покрај овие хонорарци, кои не извршувале работни обврски, обвинетиот Ивица Димитровски, кој бил вклучен во набавката на софтверот, исто така враќал пари кај Рашковски. 5 спрема 3 предавал пари“, рече Русковска.

Според неа, со нелегалните пари Рашковски плаќал школарина, уплаќал на сметките од своите деца. Таа посочи дека Рашковски со тие пари предвремено исплатил и кредит.

„Стекнал имот и предмети без да троши пари од својата трансакциска сметка. Обвинетиот Рашковски враќал предвремено кредити, купувал имот од наводни позајмувања, но Обвинителството ќе докаже дека тоа се наводни позајмувања, а не легални“, додаде Русковска.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Русковска која беше инструмент на власта во прогонот на неистомислениците и патриотите, сега има можност да ги признае сите злодела

(ВИДЕО) Русковска пред еден месец кажа дека има информации за нејзиното разрешување

Александар Тодески

Укинат куќниот притвор за Драги Рашковски

Катерина Ѓуровски

Осуден во „Софтвери“ ја запроси девојката во судница: „Прекрасен момент, нека ви е со среќа“, им честиташе судијката

Орце Костов

Во Кривичен денеска ќе биде објавена пресудата за случајот „Софтвери“

Одбраната на Рашковски побара ослободителна пресуда за случајот „Софтвери“