Следењето на натпреварот со Португалија во Куманово ќе чини помалку од 2000 евра, организација барале граѓаните

Од:

На голем видео – бим вечерва на плоштадите во Куманово, Охрид, Штип, Битола и Прилеп ќе се пренесува фудбалскиот натпревар Македонија – Португалија. Градоначалниците од вчера ги повикуваат граѓаните заедно да го проследат историскиот меч кој може да и обезбеди на Македонија пласман на Светското првенство во Катар.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски за „А1он“ вели дека организацијата почнала викендов.

„Прво пораки почнаа да ми испраќаат граѓаните. Преку педесетина добив, сите бараа да организираме заедничко следење на натпреварот на плоштадот во Куманово. Потоа ми стигна предлог од претседателката на Советот, па од советничката група ВМРО – ДПМНЕ, па од моите ’За наше Куманово“, од СДСМ. Како да се натпреваруваа кој прв да достави предлог. Добив согласност од советниците и веднаш се организиравме. Целата организација нема да чини повеќе од 2000 евра, а и тие ќе бидат покриени со спонзорства од општествено одговорни компании. Настанот не е само за кумановци, добредојдени се сите кои се спремни заеднички да навиваме“, изјави градоначалникот Димитриевски за „А1он“ кој најави дека вечерва ќе биде на плоштадот, заедно со граѓаните.

За разлика од Куманово, организираното следење на натпреварот на плоштадот во Охрид, било идеја на градоначалникот.

„Во овој момент можеме само да кажеме дека заедничкото следење на натпреварот е идеја и организација исклучиво на градоначалникот“, изјави од Кабинетот на градоначалникот Кирил Пецаков за „А1он“.

Социјалните мрежи се преполни со коментари и револт од тоа што Македонската радио телевизија, нема да го пренесува натпреварот оти правата ги има хрватски Спортклуб. Граѓаните, тргнувајќи од ова ограничување, јавно побараа градоначалниците да организираат заедничко следење. Такви барања јавно беа упатени и до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, но барем досега, таа не одговори на барањата натпреварот да се пренесува и на Плоштадот Македонија.

Во Скопје последни подготовки за натпреварот прават обложувалниците, кафулињата и рестораните. Се поставуваат видео – бимови и телевизори на места во кои никогаш ги немало.

Натпреварот ќе почне во 20.45 часот, по македонско време, а ќе се игра во Португалија, каде македонските навивачи веќе се пред стадионот „Драгао“ во Порто.

Билетите за натпреварот веќе се распродадени. На трибините ќе има речиси 50.000 Португалци, но и околу 2.000 македонски фанови кои ќе ја бодрат фудбалската репрезентација во обидот да направи уште едно фудбалско чудо.

Би можело да ве интересира

Во Португалија беснеат шумски пожари, во Лисабон е издадено црвено предупредување

Во Португалија свештеници злоставувале 4.800 деца, Папата се сретна со дел од жртвите

(ВИДЕО) Повеќе од 600 пожарникари го гаснат пожарот во Португалија

Почина бебе кое чекаше шест часа за да биде пренесено во друга болница

Четворица мртви во Португалија по кавга за гулаби

Горан Наумовски

ВИДЕО: Силни турбуленции, повредени 10 патници-снимка на летот над Лисабон

Предраг Петровиќ