Португалската полиција денеска ги отстрани кампот поставен од демонстранти на плоштадот Росио, во центарот на Лисабон. Полициските службеници употребија штитови и палки за да растераат стотици луѓе кои се собраа и се обидоа да го спречат отстранувањето на шаторите, по масовниот протест одржан во саботата против владината легислатива за изнајмување станови.
Milhares marcham pela habitação em Lisboa e no Porto uma semana após cargas policiais
Saiba mais: https://t.co/ejUSyvAL6s https://t.co/GZaEVOQ4x5
— Público (@Publico) October 31, 2026
Португалија се соочува со една од најтешките станбени кризи во Европа, при што најтешко се погодени младите луѓе. Цените на недвижностите се повеќе од двојно зголемени од 2017 година, додека кириите за нови договори се речиси двојно повисоки. Демонстрантите предупредуваат дека новата легислатива може дополнително да ја влоши состојбата.
По саботните протести – на кои учествуваа неколку илјади луѓе – дел од учесниците поставија повеќе од 50 шатори на плоштадот Росио. Тие имаа намера да продолжат со протестот против владиниот предлог-закон, кој би го олеснил иселувањето на станарите и би ги укинал ограничувањата на висината на кириите за нови договори.
Околу 3:30 часот наутро, на плоштадот пристигнаа десетици полицајци, вклучително и единици со полициски кучиња. Полицискиот командант Јури Родригеш упати три предупредувања до демонстрантите, барајќи од нив да ги отстранат шаторите, со образложение дека се поставени незаконски.
Родригеш исто така предупреди дека поединците кои ќе одбијат да постапат според полициските наредби, може да се соочат со обвиненија за непослушност. Откако демонстрантите не го напуштија кампот, полицијата пристапи кон негово отстранување. Полицајците користеа штитови за да ги потиснат стотиците луѓе кои се обидуваа да го заштитат кампот. Во неколку наврати, тие употребија и палки за да ги растераат демонстрантите и да овозможат отстранување на шаторите.
Истата ноќ, полицијата отстрани и помал камп со шатори на плоштадот „Дом Жоао I“ во Порто, вториот по големина град во Португалија. И таму се беа собрале демонстранти, изразувајќи незадоволство од владината политика во станбениот сектор.
Пратеникот од Социјалистичката партија, Педро Делгадо Алвес, претходно предупреди дека собирот на плоштадот Росио бил мирен и дека немало никакво оправдување за насилна полициска интервенција.
Според него, ништо не оправдува „полициска интервенција која вклучува употреба на сила, физичко насилство или удари со палки – сцени на кои бевме сведоци само минатата недела“. Полицијата веќе се соочи со критики минатиот викенд поради начинот на кој ги отстрани шаторските населби на истите тие плоштади. Во таа прилика, полицајците употребија и палки, а уапсени беа десетици демонстранти.
Протестите поради високите трошоци за домување се интензивираа низ Португалија во последните недели. Слични демонстрации се одржуваат и во Шпанија, Франција, Германија и други европски земји.
Според проценките на организаторите на саботните протести во Лисабон, на улиците излегле неколку илјади луѓе. Тие бараат од малцинската влада од десниот центар да се откаже од законските измени за кои сметаат дека дополнително ќе ги загрозат станарите.
Предложената законска регулатива би го олеснила иселувањето на станарите и би ги укинала ограничувањата за зголемување на кириите кај новите договори за закуп. Демонстрантите сметаат дека ваквите промени ќе ја зголемат несигурноста за станарите во земја каде што трошоците за домување веќе драстично пораснале.
Предлог-законот го помина првото читање во португалскиот парламент, при што пратениците од крајно десничарската партија „Чега“ (Chega) беа воздржани. Се очекува парламентот да гласа за конечниот текст на законот во текот на наредните недели.
Во четвртокот, португалскиот премиер Луис Монтенегро ги отфрли повиците за повлекување на предлог-законот, иако навести подготвеност за внесување измени пред конечното гласање.
Тој изјави дека политичките партии „мора да се приближат една кон друга“, нагласувајќи притоа дека „главниот правец на дејствување е одреден од владината програма“.
Во саботата, Жозе Луис Карнеиро, претседател на опозициската Социјалистичка партија, ја повика владата да започне разговори со опозициските партии и демонстрантите, наместо „арогантно да ги наметнува своите ставови – понекогаш дури и со авторитарен тон“.
