Синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор Стојчевски, најави дека ќе даде отказ од ЕЛЕМ. Тој на „Фејсбук“ напиша дека не бил јавна личност и поради тоа не сакал неговото име да се провлекува во јавноста и дека отказот ќе го достави во вторник.
„Сакам да ја известам јавноста дека јас како дипломиран геодетски инженер на Градежен Факултет – Скопје при УКИМ, свесен за моите знаења и способности имам капацитет да работам во било која компанија од приватниот и државниот сектор каде што се бара геодет. При крај сум со моите магистерски студии на Градежениот Факултет и имам желба и намера да се посветам на мојата професионална кариера. Јас не сум јавна личност и не сакам повеќе моето име да се провлекува во јавноста. Во таа насока, сакам да ве известам дека по одлуките на вчерашната седница на ДКСК, од морални причини решив на 30.04.2019 (вторник) да го доставам моето барање за отказ од АД ЕЛЕМ и да се повлечам од работното место“, напиша Стојчевски на „Фејсбук“.
Ваквата постапка на Стојчевски следува откако Антикорупциската комисија го обелодени целиот процес за тоа како тече непотизмот во државните и јавни институции. За вработувањата на сопругот, синот и братот на пратеничката Мира Стојчевска, утврдени беа индиции за непотизам само во случајот за вработувањето на нејзиниот син Виктор.
На врвот на листата на случаи на непотизам на ДКСК се најде пратеникот од СДСМ, Александар Кирацовски, кој неделава најави дека ќе ги повлече сите свои роднини од работните места во државните компании.
Премиерот Зоран Заев вчера ги повика сите функционери кои се најдоа на листата за непотизам да ги повлечат роднините од работните места.
„Директно испраќам наредба до сите веднаш да се повлечат од работните места. Само така ќе функционира системот“, рече Заев.