Доколку членовите на едно домаќинство кои треба да се попишат не се дома, тогаш попишувачите оставаат порака со временска одредница кога повторно ќе поминат. Оставаат и телефонски број во случај ако лицето не е во можност во наведениот период да биде дома, да закаже со попишувачот кога може да се спроведе попишувањето.
– Ова е техника која ја применувавме во сите пописи досега и секогаш се покажувала како успешна. Нема можност да биде никој изоставен и никој нема да седи дома 26 дена за да чека попишувачи, туку нормално си ги извршува своите секојдневни обврски, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Повтори дека во случаи кога граѓаните ќе инсистираат на вакцинирани попишувачи, тоа и ќе им биде овозможено, а во однос на бројот на вакцинирани попишувачи, речедека точната бројка ќе се знае деновиве. Две третини, како што посочи, се вакцинирани бидејќи тоа го навеле кога се пријавиле за попишувачи.
– Немаме идеално точна бројка, бидејќи пријавувањето за учество во пописот започна во почетокот на август и во пријавата кажуваат дали се вакцинирани или не. Две третини се вакцинирани во тој период кога се пријавени, меѓутоа дали некои од оние кои не беа вакцинирани, во меѓувреме се вакцинирани, не знаеме до овој момент. Тоа ќе го знаеме во текот на овие денови бидејќи треба да се приберат сите информации и да се регистрираат, рече Симовски.
За заболените од Ковид-19, Симовски појасни дека Министерството за здравство на дневна основа ќе доставува списоци каде има заболени лица и лица во изолација.
– Нашата намера е да сочекаме, ако за тоа има можност, да излезат овие лица од изолација и тогаш да го спроведеме попишувањето, да биде најбезбедно и за самиот попишувач. Меѓутоа, ако не постојат услови за вакво нешто, тогаш имаме посебни протоколи како да се постапува во попишувањето во домаќинства кадешто имаме заболено лице или лица во изолација, појасни Симовски.