Шест месеци се бара лекарска грешка за Булент Ибрахим, починат од сепса по операција на хемороиди

Од:

Шест месеци семејството на 38-годишниот Булент Ибрахим, кој почина од сепса по операција на хемороиди, чека надлежните институции да ги стокмат извештаите и да утврдат дали во случајот има лекарска грешка. Семејството половина година не добило известување од стручниот надзор што го направило Министерството за здравство, нема поместување во истрагата во Јавното обвинителство, а не се изјаснува ниту Лекарската комора на Македонија, надлежна да му ја одземе лиценцата на хирургот што го оперирал Ибрахим во изнајмена сала.

„Сами ангажиравме вештак, кој врз основа на медицинската документација што ја имаме, утврди дека се работи за грешка во постапката на лекувањето и тој документ веќе го предадовме во Обвинителството. Вештакот констатира дека причината за смртта настанала како резултат на инфекција – сепса, чиј причинител била бактерија. Утврди дека земениот брис по операцијата е со изолирана стрептокока, но хирургот му дал инфузиони раствори, ‘реглан’ и ‘ранитидин’, без да го види резултатот од брисот и да му назначи антибиотска терапија, а не ги препознал навреме ни симптомите на сепса. Дополнително, вештакот посочи дека Булент со такви симптоми требало да се лекува болнички, а не дома“, вели Едита Ибрахим, сопруга на починатиот, за „А1он“.

„Ангажиравме вештак, кој врз основа на медицинската документација што ја имаме, утврди дека се работи за грешка во постапката на лекувањето“, вели Едита Ибрахим, сопруга на Булент

Од Лекарската комора на Македонија објаснуваат дека постапката е долга оти внимателно мора да ја разгледаат документацијата за да се утврди евентуална грешка.

„Во Лекарската комора на Македонија во тек е спроведување стручен надзор за случајот на Булент Ибрахим, но тоа трае затоа што мора внимателно да се разгледа целата медицинска документација со цел да се направи сериозна стручна процена дали постои пропуст во лекувањето на пациентот. По завршувањето на стручниот надзор, извештајот, во согласност со законот, ќе биде доставен до надлежните институции“, велат од Лекарската комора.

За одземање на лиценцата на докторот Ѕвонко Николовски, кој ја направил операцијата, Лекарската комора ќе расправа дури кога со судска пресуда ќе се утврди дека сторил стручен пропуст или грешка при работата, со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот.

На извештај од Лекарската комора чека и Јавното обвинителство, од каде што велат дека надлежен јавен обвинител работи на утврдување на фактите во овој случај.

„Обезбедена е документацијата поврзана со здравствените установи што го третирале пациентот и нивните дозволи за работа. До Институтот за судска медицина беше доставено барање да се произнесе дали врз основа на медицинска документација може да се утврди причината за смртта на лицето, со оглед на тоа што непосредно по смртта, по барање на семејството, не е извршена обдукција врз починатото лице. Институтот за судска медицина сè уште не одговорил на барањето, а од страна на надлежниот јавен обвинител е испратена и ургенција за постапување“, велат од Јавното обвинителство.

Криминал е докторите да дозволат без обдукција семејството да си го земе телото

Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, пак, тврди дека не добил барање од Обвинителството. Тој е дециден во ставот дека не може да се утврди лекарска грешка без обдукција, но вели дека случајот на Ибрахим укажува на други кривични дела што ги прават докторите.

„Овој случај е воден непрофесионално бидејќи нема обдукција. За да се докаже дека имало лекарска грешка, мора да има обдукција. Без обдукција, не може да се докаже причина за  смрт. Никој не може да го вештачи случајот без причина за смрт. Од медицинската документација не може да се утврди причината за смртта. Непрофесионално се води целиот случај. Тука има друго кривично дело, со тоа што нема обдукција, овозможено е криење докази и попречување на правдата. Тотално безобразно е што телото било предадено на семејството без обдукција. Треба да одговара тој што потпишал. Семејството тука нема никаква вина, биле во шок и не треба од нив да се очекува присебна одлука, но затоа докторите треба да се свесни. Роднините не може да ја одложат обдукцијата, тоа е криминал што го дозволуваат и ова не е прв таков случај во оваа болница“, вели директорот Станков.

Тотално безобразно е што телото било предадено на семејството без обдукција. – Аленсадар Станков, директор на Институтот за судска медицина

Од Градската болница „8 Септември“ не одговорија на прашањата од „А1он“ зошто го предале телото без обдукција и дали знаат дека анестезиолог од оваа болница учествувал во операцијата на Булент Ибрахим во хируршка сала надвор од болницата, како што сведочи семејството.

И по шест месеци, семејството сè уште е во шок. Потврдуваат дека на нивно барање не била направена обдукција на телото, но се надеваат дека врз основа на медицинската документација што ја имаат од ПЗУ „Јанита“ за операцијата и документацијата од ГОБ „8 Септември“, каде што го однеле неколку часа пред да почине, институциите ќе може да утврдат каде е грешката.

„Веруваме дека ќе се најде лекар што ќе потврди дека по операцијата, Николовски не требало да го лекува Булент во домашни услови. Му зеде брис, но по операцијата, а се покажа дека има бактерија. Тој нè пушти да си одиме, а потоа, кога Булент почна да повраќа, дојде да го лекува дома. Му ставаше инфузија и нè убедуваше дека ќе му биде добро. Доаѓаше со сопругата, и таа била медицинско лице. А јас кога појдов од матичниот да побарам инфузија, ми рече дека не е возможно да ми даде инфузија за домашни услови. Дојде и последниот ден, кога го однесовме во ‘8 Септември’. Влегуваше со него на сите оддели, дури имаше места на кои јас не можев да влезам, а тој влегуваше. Персоналот прашуваше да не му е роднина. И одеднаш исчезна пред да ни кажат дека починал. Го снема и воопшто не контактира со нас“, вели сопругата Едита, која жали што последните моменти не ги минала таа со Булент, туку хирургот, поради привилегиите што ги имал во ГОБ „8 Септември“.

Булент Ибрахим почина на 21 февруари, а беше опериран на 18 февруари во затворените хируршки сали на ПЗУ„Д-р мед. К. Митановски“. Го оперира докторот Ѕвонко Николовски од ПЗУ „Јанита“. Двете здравствени установи беа затворени по смртта на Ибрахим.

Министерството за здравство не одговори на прашањата од „А1он“ за случајот на Ибрахим, за преземените мерки за здравствените установи и за извештајот од стручниот надзор на случајот.

Би можело да ве интересира

Малолетник се сомничи дека извршил обљуба врз малолетничка од Струмичко

20-годишник од прилепско загина во тешка сообраќајна несреќа

Измамен тетовец, платил 21 илјада евра за роба која не ја добил

Катерина Ѓуровски

Му зел 800 евра, го излажал дека ќе му пренесе автомобил од странство

Затруен од наркотици, кавадарчанец пронајден во бессознание во двор

Вандали уништиле мермерни плочки околу спомениците – Урни во Могилата на непобедените во Прилеп