Семинар за улогата на судијата во акузаторната постапка

Од:

Судиите кои постапуваат по предмети од кривична материја од Македонија, денеска и утре, ќе разменуваат искуства со колегите од САД за практичната примена на законите од областа на кривичното право на семинарот „Улогата на судијата во акузаторната постапка“

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска на отворањето на семинарот рече дека целта е преку панел дискусии и презентации да се разменат практични искуства со судиите од САД во насока на унапредување на казнениот систем на Република Македонија преку јакнење на улогата на судијата во текот на акузаторната постапка.

– Паралелно со ова завршивме 35 базични обуки во изминатите две години низ кои поминаа 800 учесници. Воедно се издаде и вредна компилација на 27 пресуди на Европскиот суд за човекови права со што Академијата продолжува и со публистичката дејност во правец на збогатување на литературата за судиите и обвинителите, рече Арнаудовска.

Таа додаде дека особено се среќни што почна серијата со напредни 32 обуки за Законот за кривична постапка низ кој ќе помине секој судија и јавен обвинител, како и одреден број адвокати и претставници од правосудната полиција.

– Веќе е изготвен прирачникот за сите модули во однос на терковите за процесните дејствија за новиот ЗКП кој ќе биде драгоцено четиво за судиите и обвинителите и другите правни професионалци со почетокот на примена на новиот ЗКП, истакна Арнаудовска.

Според претседателката на Врховниот суд на Република Македонија Лидија Неделкова може да се заклучи дека новините во Законот за кривична постапка ја дефинират улогата на судот од една страна како контролна бидејќи се грижи за законито поднесување и изведување на доказите и донесува одлука кои прашања се дозволени и недозволени, како и по приговорите на странките, реча таа и додаде дека има  гарантна улога бидејќи се грижи за почитување на основните права и слободи и на обвинетиот и на сите други учесници во постапката.

Темелното менување на кривичната постапка и воведувањето на новите правни инструменти, како што посочи, ставаат посебен акцент на потребата од теоретска и практична обука на судиите, но и на јавните обвинители, адвокатите и сите други учесници во постапката.

Влатко Самарџиски од Судскиот совет на Република Македонија нагласи дека ниедна реформа колку и да е успешно напишана на хартија неможе да биде спроведена без соодветен кадар, обучен и стручен кој ќе одговори на задачите.

Судијата на Врховниот суд и  претседател на Здружението на судии на Република Македонија, Николчо Николовски нагласи дека вообичаените слабости од функционирањето на правосудството во Македонија за кои најповикани се да ги воочат судиите и да ги пласираат преку Здружението на судии, меѓу другото се однесуваа и на бавноста на судиите, недостапноста на правдата, тешкото и долготрајно извршување на конечните одлуки, преголемата оптовареност на правосудните институции со предмети и неорганизираноста во управувањето со предметите.

– Тоа беа најголемите предизвици на казнената реформа да ги признае своите слабости и да ја прифати потребата од нејзиното проширување и адаптирање со новите предизвици за надминување на овие проблеми, додаде тој.

Според него, новиот Закон за кривична постапка е еден од најпрогресивните кој ќе ја зацрта темелна реформа во казнено – правниот систем и новите односи помеѓу институциите.

Американскиот правосуден систем низ искуствата од праксата за време на дводневниот семинар ќе го презентираат судии од САД, додека националното казнено законодавство ќе го презентираат национални судии.

Федералниот судија од Окружниот суд за Округот Масачусетс, Ричард Стернс посочи дека овој закон во себе ги содржи најдобрите решенија од светската судска пракса. – Имплементацијата е секогаш тешка, но верувам дека калибарот на судиите во Република Македонија е таков на крајот сето ова да заврши со успех, додаде тој.

Семинарот е во организација на Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка и со финансиска поддршка  на програмата ОПДАТ при Амбасадата на САД во Скопје, во рамки на Програмата за партнерство меѓу судиите на САД и Република Македонија, која е финансирана од Стејт Департментот на САД/Биро за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Интервју со Огненовски: Треба да имаме доживотни и смртни казни за сите што ја пљачкаат Македонија, да се конфискува се што е нелегално стекнато од 1991 година наваму

Усвоена Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година

А1он

Оценската мисија за Судскиот совет неделава завршува со мониторингот

А1он

Ковачевски за кривичниот законик: Казните се од комунистичко време, ги направил Дарт Вејдер, намалувањето е во согласност со ЕУ

Орце Костов

Лидерите на Северна Македонија мора да го ограничат политичкото мешање во судството, вели Стејт департментот

Предраг Петровиќ

ВМРО-ДПМНЕ: Лога призна дека го упропастија судството, сега е време цела влада да си даде оставка

Предраг Петровиќ