До Собранието сè уште нема стасано барање за итна седница за насилството врз жените и семејното насилство, а законот за насилство поднесен на 26 август од страна на пратеници е испратен на мислење до Владата – изјави денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, по редовната средба со новинарите. Опозицијата предложи, а мнозинството прифати да се одржи итна седница за фемицидите во земјата.
– Сè уште немаме доставено такво барање до Кабинетот на претседателот или до службата на Собранието. Штом го добиеме тоа барање, веднаш ќе постапиме. Во однос на законот што е во собраниска процедура, испратено е мислење до Владата. Штом добиеме мислење од Владата, законот ќе го пуштиме во собраниска процедура – изјави Гаши.
Мрежата за заштита од дискриминација упати јавни прашања до претседателот на Собранието, Африм Гаши, барајќи одговори зошто законските измени за заштита од насилство врз жените и семејно насилство сè уште не се ставени на дневен ред.
Од Мрежата посочуваат дека поминале три месеци од поднесувањето на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како и седум месеци од одржувањето на надзорната расправа, но сè уште нема усвоени заклучоци со конкретни мерки, рокови и институционални одговорности.
Во меѓувреме, како што наведуваат, во 2026 година се регистрирани седум фемициди.
„Додека законските измени чекаат, жените ги убиваат“, порачуваат од Мрежата.
Инспирирани од „ѕидот на срамот“, на кој се повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од организацијата најавија дека во наредните денови ќе упатуваат јавни прашања до носителите на јавни функции од чие постапување зависи превенцијата од насилство и заштитата на жените.
Првото обраќање е до претседателот на Собранието, Африм Гаши, од кого бараат одговор зошто, како што велат, има итност кога станува збор за уназадување на правата, но не и кога станува збор за заштита на животите на жените.
Мрежата бара одговори кога законските измени ќе бидат ставени на дневен ред и кога ќе бидат усвоени заклучоците од надзорната расправа.
„Бараме јавни одговори, конкретни мерки и политичка одговорност“, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Запрашан дали денеска на седницата за пратенички прашања ќе го потсети премиерот Христијан Мицкоски за Владата да даде мислење, Гаши рече дека ова е толку сензитивно прашање што секој од нив, носители на јавни функции, но и новинари и сите граѓани, сакаат тој закон што побргу да се донесе и да се намали насилството врз жените и воопшто да го нема ако може. – Но тоа ќе биде борба, која ќе треба сите да ја извојуваме заедно – рече Гаши.
