СДСМ бара итна собраниска седница за насилството врз жените и одговорност од институциите

Од:

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе иницијатива за одржување итна собраниска седница на која ќе се расправа за насилството врз жените и семејното насилство, со присуство на министрите за внатрешни работи, социјална политика и правда, како и на државниот јавен обвинител.

Пратеничката Јована Тренчевска, на прес-конференција, рече дека жените во Македонија не страдаат само од насилниците, туку и од институционалниот молк и неказнивоста.

„Сведоци сме на бројни насилства врз жени и убиства, зад кои стојат претходни пријави, барања за помош и институционални пропусти“, рече Тренчевска.

Таа ги посочи случаите на 17-годишната Билјана од Богданци, која беше убиена и покрај активната забрана за приближување, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, како и Ивана и нејзината ќерка од Скопје, за кои рече дека не добиле навремена заштита и покрај бројните пријави.

Го спомена и случајот со Сара од Охрид, која беше претепана до бессознание, а нејзиниот напаѓач првично беше пуштен да се брани од слобода.

„Ова не се изолирани инциденти, туку доказ дека системот не ги штити жртвите. И случаите за кои наводно МВР постапува не водат до одговорност на високите раководни позиции. Вината се префрла само врз обичните полициски службеници“, рече Тренчевска.

Според податоците што ги презентираше, во последните две години во земјава се регистрирани 13 фемициди, од кои шест во 2025 и седум во 2026 година.

Во 2025 година во МВР биле евидентирани 4.745 пријави од жени и биле поднесени над 1.000 кривични пријави, додека центрите за социјална работа регистрирале 1.754 нови жртви на семејно насилство.

Во првите десет месеци од 2026 година, како што посочи Тренчевска, бројот на пријави се зголемил за над 70 отсто, а биле поднесени 1.450 кривични пријави, што е зголемување од 50 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Таа забележа дека Министерството за социјална политика сè уште не ги објавило полугодишните податоци за 2026 година.

За овие две години, според неа, до надлежното јавно обвинителство биле поднесени речиси 2.500 кривични пријави, но јавноста нема одговор колку од нив резултирале со обвинителни акти и судски завршници.

„Огромната бројка на пријави не значи ништо ако правдата заглави во фиоките, а насилниците останат неказнети“, рече Тренчевска.

Од СДСМ бараат на итната седница да се утврди одговорност за пропустите во постапувањето на институциите и да се донесат конкретни мерки за превенција и заштита на жртвите.

Тренчевска посочи дека Собранието треба што поскоро да ги усвои заклучоците од надзорната расправа одржана во јуни и јули, за која сè уште нема донесено заклучоци.

Дополнително, побара да се разгледаат барањата на граѓанските организации за измени на осум закони, како и да се стави на собраниска седница Законот за заштита и спречување од насилство, кој од август е во собраниска процедура.

„Ги повикуваме сите пратеници во Собранието да застанат зад оваа наша иницијатива, да ја потпишат и да се свика итна седница“, порача Тренчевска.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Ако Алта банка е во одлична форма, како што велеа, зошто сега треба да се спасува

Филипче: Мицкоски да одговори зошто со законски измени се брише одредбата за уплата на 6% во вториот столб?

Бројките се немилосрдни и ги демантираат СДС, ДЗС вчера објави дека реалната нето-плата во септември пораснала за над 5%

Предложен притвор за загрозување на сигурноста во Куманово

СДСМ: Крпен живот, кошничката се доближи до 71.000 денари – само за храна се потребни 26.000 денари

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС продолжуваат со лагите и манипулациите за Алта банка, овој пат јавната аукција сакаат да ја претстават како тајна зделка