Сојузот на синдикати на Македонија најостро го осудува секој вид насилство врз жените без разлика дали тоа се случува во домот или на работното место. Оттаму сметаат дека се потребни законски измени со коишто ќе се овозможи платено отсуство од работа на жртвите на насилство.
– Не смееме да дозволиме некоја жена да го загуби своето работно место и егзистенцијата во најтешките моменти од својот живот, кога се соочува со насилство. Доколку институциите потфрлат во процесот на превенција на насилството, ние мораме гласно да го осудиме секој таков случај – изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешната панел дискусија организирана во рамки на „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Од ССМ бараат да се почитува Конвенцијата 190 на Меѓународната организација на трудот и акциските планови и закони да остануваат само на хартија.
– Правдата не значи само заштита на жртвите и повикување на одговорност на сторителите, туку и спречување на насилството пред воопшто да се случи. Конвенцијата број 190 на Меѓународната организација на трудот (МОТ), која се однесува на елиминација на насилството и вознемирувањето во светот на трудот, е ратификувана во Македонија во 2023 година. Синдикатите се залагаат за нејзино доследно почитување и практична примена. Ефективната примена на Конвенцијата бр. 190 и Препораката бр. 206 подразбира: безбедни и доверливи механизми за пријавување, со заштита од одмазда, превенција преку соодветни мерки за безбедност и здравје при работа, вклучување на синдикатите и работничките во креирањето на политиките и осуда на секој облик на насилство и вознемирување во светот на трудот – изјави Ивана Димитрова, претседателка на секцијата на жени при ССМ.
Вознемирувањето на работното место не секогаш доаѓа од мажите, понекогаш истото го прават и жените на раководни функции, констатираа учесничките на денешната панел дискусија посветена на работничките во светот на работата, со посебен осврт на механизмите на спречување на насилството, дискриминацијата и вознемирувањето на жените на работа.
Податоците на ССМ покажуваат дека за две години во КСЗД се доставени 378 претставки, од кои 184 од жени за заштита од дискриминација и вознемирување од областа на работата и работните односи.
Во последниве три години, дискриминација на жените на работно место е утврдена во 43 случаи, а најчесто место на утврдена дискриминација е во јавниот сектор.
Дискриминација на жените поради пол, род, бременост, мајчинство или раѓање е утврдена во 16 случаи, од кои во приватниот сектор се 11, а во јавниот пет случаи.
