Засилено се работи на изградбата на детската градинка во населеното место Зрновци. Градинката ќе се простира на површина од 420 метри квадратни и ќе располага со капацитет од 80 деца во јасли и градинка.
– Градинката е повеќе од посакувана за населението во општината, бидејќи во овој момент над 30 деца од Зрновци посетуваат градинка во Кочани. Вредноста на градинката изнесува 230 илјади евра, кои се обезбедени од ИПА програмата преку Фондот за развој на руралните средини Министерството за финансии и општина Зрновци, изјави градоначалникот Блаже Станков.
Според Станков, градинката се очекува да биде готова до крајот на јуни. Опремата која ја обезбедува Министерството за труд и социјална политика веќе е обезбедена и пристигната, што укажува на брзата изградба на градинката во Зрновци. Паралелно со овие активности се оградува кругот околу градинката и се уредуваат зелените површини.