СДСМ со ново барање до Владата: Минималецот да скокне на 36.000 денари

Од:

СДСМ повторно ќе поднесе законско решение за зголемување на минималната плата на 36.000 денари, односно 600 евра, а ќе предложи и субвенционирање на придонесите за приватните компании за разликата што произлегува од зголемувањето на платата, најави претседателот на партијата и пратеник Венко Филипче на денешната прес-конференција во Собранието.

Филипче рече дека предлогот доаѓа поради, како што вели, сè потешката економска состојба на граѓаните и зголемените трошоци со кои се соочуваат домаќинствата.

– Имајќи ја предвид ситуацијата, стандардот на граѓаните, имајќи ги предвид секојдневните повици и комуникации што ги имаме со граѓаните, ние повторно во Собранието ќе го поднесеме Законот за зголемување на минималната плата. Бараме минималната плата да се качи на 36.000 денари, односно 600 евра, со што барем некако ќе закрепнат граѓаните, стандардот ќе им се подобри и ќе може да се консолидираат семејните буџети во пресрет на тешките есенски месеци кога ќе се зголемат сметките за струја, дополнително и сметките за греење – изјави Филипче.

Тој додаде дека во законското решение ќе биде опфатена и мерка за поддршка на приватниот сектор и ќе биде предложена на почетокот на следната недела.

– Уште една мерка е субвенција на придонесите за приватните компании за разликата на придонесите во однос на зголемувањето на минималната плата, да им се помогне и на компаниите и да не им биде дополнителен товар во оваа тешка ситуација, знаејќи колку должи државата и во однос на повратот на ДДВ. Огромен број компании остануваат неликвидни, земаат кредити што веќе не можат да ги вратат и почнуваат да затвораат – рече претседателот на СДСМ.

Одговарајќи на новинарско прашање за изворите на средства за ваквото решение, Филипче рече дека парите можат да се обезбедат преку намалување на, како што оцени, непродуктивни буџетски трошоци.

– Ние со едни претходни предлози дававме и точен план. Има неколку ставки во буџетот, а доколку е потребно тоа повторно ќе го презентирам во следните денови. Сè што треба да се направи е да се намали ставката луксуз. А има што да се намали – автомобили, мебел. Прашањето е дали можеме тоа да го очекуваме од оваа власт која сè уште, и покрај оваа тешка економска состојба, најавува купување на нов владин авион – изјави тој.

Филипче упати критики и за економските политики на Владата, тврдејќи дека државата се соочува со континуирано зголемување на задолжувањето.

Тој побара одговор од премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска зошто, според него, во официјалните податоци за јавниот долг не е прикажан долгот на Јавното претпријатие за државни патишта.

– Зошто во официјалните податоци за јавниот долг се крие долгот од 350 милиони евра на ЈПДП, за кој гарантира Владата? Зошто тој долг го нема во официјалните табели? Понатаму, бараме двајцата да одговорат и зошто новото задолжување, кое беше најавено и усвоено како потреба на владината седница на 31 август, не беше предвидено во ребалансот и дали со тоа планираат да го прекршат Законот за буџетите. Еве го документот со кој е помината информацијата за потребата од ново задолжување на државата во износ од 1,3 милијарди евра со што вкупниот долг на државата ќе достигне досега рекордни, никогаш недостигнати речиси 12 милијарди евра. Од нив, повеќе од четири милијарди евра се нов долг создаден само во изминатите две до две и пол години со тоа, долгот ќе порасне на рекордни 65% од бруто-домашниот производ – рече тој.

Филипче оцени дека Владата нема резултати во економската политика и додаде дека граѓаните, според него, не чувствуваат подобрување на животниот стандард. Според него, наместо да инвестира во развој, што би значело подобра економија и намалување на долгот, власта, вели, ги троши парите на партиски тендери.

На новинарско прашање тој го повтори партискиот став дека СДСМ нема да биде, како што рече, „алиби за предвремени парламентарни избори“, но нагласи дека партијата е подготвена доколку избори бидат распишани.

– Ние сме подготвени за изборите кога и да се случат и ќе ја вратиме власта во рацете на граѓаните и ќе ја откочиме земјата и ќе ги отвориме преговорите со Европа. Ќе видат граѓаните и економски бенефити, зајакнување на системот, вистински систем, а не еден човек кој управува со сè во земјата – рече Филипче.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Мицкоски може да ја менува статистиката, но долгот расте

(ВИДЕО) Фрчкоски: ДКСК да ја прошири истрагата за Андоновски со новата фирма „Нома солушнс“

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Фрчкоски: Трансформирање на тендери од 1,5 милиони евра во министерството на Андоновски

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Кузеска: Мицкоски брутално ја задолжува Македонија – 4 милијарди евра за само две години

Филипче: За две години потрошувачката кошничка е покачена за околу 10.000 денари, а платите не мрдаат

(ВИДЕО) Филипче: Тажен почеток на училишната година, 3.000 помалку деца, 433 паралелки помалку, затворени 26 училишта