СДСМ поднесе интерпелација до Собранието за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради случајот со Алта банка и сериозните сомнежи и отворени прашања за начинот на кој банката влезе на македонскиот финансиски пазар. Ова денеска го соопшти претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција.
Филипче посочи дека по поднесените кривични пријави треба да се утврди и политичка одговорност за постапувањето на гувернерот, кој, според него, сè уште нема дадено одговори на клучните прашања поврзани со случајот.
„СДСМ поднесува интерпелација за гувернерот Трајко Славески во Собранието. По веќе поднесените кривични пријави, во контекст на што го повикувам обвинителството сериозно да ги разгледа, сметаме дека треба да има и политичка одговорност за работата на гувернерот Трајко Славески по повеќе основи. Немаше соодветни ниту логични одговори на Надзорната расправа, а сè уште нема одговори ниту на прашањата што на овој начин јавно ги поставуваме“, рече Филипче.
Тој побара Славески да одговори како дозволил Алта банка да влезе на македонскиот финансиски пазар, на кој начин бил проверен кредибилитетот на нејзиниот сопственик Давор Мацура, кој е осомничен за криминал во Србија, како и дали било проверено потеклото на парите.
„Како дозволи влез на Алта банка на нашиот финансиски пазар? Како дозволи влез на банката за која една година наназад предупредуваме дека е криминална банка, банка во која се перат пари од криминалниот режим на Вучиќ, кој падна, банка за која сите српски медиуми укажуваа дека е балканска пералница на пари? На кој начин го проверија кредибилитетот на сопственикот Давор Мацура, кој сега е осомничен за криминал во Србија?“, рече Филипче.
Тој отвори и прашања за наводните сомнителни парични текови во Србија, посочувајќи дека во истрагата се проверува дали парите во сефовите физички постоеле или станувало збор за лажни пари, додека вистинските наводно биле изнесувани од земјата.
„Во таа криминална шема, освен српската банка, се вмешани и ланецот менувачници со кои раководи Давор Мацура. Тоа е единствена банка која се создала и етаблирала од менувачници. Нема ваква практика во светот, освен во земјите во Јужна Америка каде што се шверцува дрога. Но, тоа не е чудно затоа што оваа банка е осомничена дека шверцувала дрога и перела пари“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ го отвори и прашањето за улогата на премиерот Христијан Мицкоски во случајот, откако, како што рече, самиот гувернер признал дека се консултирал со него пред влезот на банката на македонскиот пазар.
„Трајко Славески ќе треба да одговори и за тоа што зборувал со премиерот Христијан Мицкоски. Како тоа се консултирал и кои се надлежностите на Христијан Мицкоски официјално во делот на влегување на некоја банка, посебно на ваква криминална кај нас? Што му кажал кога се слушнале? Трајко Славески самиот кажа дека се слушнал и се консултирал со премиерот кога Алта банка требаше да влезе на нашиот финансиски пазар“, рече Филипче.
Тој предупреди дека ваквото постапување ги загрозува парите на граѓаните, компаниите и државните институции, а го нарушува и интегритетот на Народната банка како независна институција.
„Сето ова го допира прво интегритетот на Народната банка. Не може Трајко Славески да се поигрува со оваа сериозна институција на тој начин што ќе донесе ваква криминална банка кај нас, да се загрози стабилноста на финансискиот сектор и финансиите, парите на граѓаните кои сега не можат да стигнат до тие средства“, рече Филипче.
