Во општина Зрновци во тек е реконструкцијата на водоводната мрежа со која населбата се снабдува со чиста вода за пиење од изворите во Плачковица.
Водоводната мрежа е со должина од 7,5 километри и ќе се реконструира во целост.
– Мрежата ќе опфаќа три зони: горна, средна и ниска. Досега се реконструирани 400 метри за што се искористени финансиски средства преку Агенцијата за финансиска подршка во земјоделтвото и руралниот развој, изјави градоначалникот на Зрновци Блаже Станков.
Според него, се очекува со водоснабдителниот систем на Зрновци да бидат опфатени и 150 домаќинства кои се снабдуваа со вода од бунари, пумпи и други алтернативни извори.
Со проектот за водоснабдување целосно се опфатени и жителите од населените места Мородвис и Видовиште. За рационално користење на водата и елиминирање на нејзиното енормно трошење за поливање на бавчите и градините, предвидено е поставување водомери.
Секундарната водоводна мрежа во Зрновци е градена 1976 година, но поради зголемената потрошувачка и застареноста на цевките, тие често пукаат поради што загубата достигнува 75 отсто.