Пукна партнерството на „Жан Митрев“ и државата за детска кардиохирургија, Чадиковски и тимот спремаат оставки

Од:

Тимот од десет луѓе на чело со доктор Владимир Чадиковски, кои во февруари годинава го напуштија јавното здравство и почнаа да функционираат како дел од болницата „Жан Митрев“, се спремаат за оставки. Извори за „А1он“ од болницата велат дека причина за оставките се неисполнетите услови кои се најавувале на почетокот на партнерството меѓу државата и клиниката „Жан Митрев“, а се однесуваат на операции на деца до една година за кои Фондот за здравствено осигурување ги покрива сите трошоци. Членови на тимот велат дека повеќе не сакаат да слушаат ветувања од типот „условите ќе бидат исполнети“ и во скоро време најавуваат дека ќе ги поднесат оставките. Не сакаат прецизно да објаснат кои услови не се исполнети, но велат дека од неисполнетите ветувања се засегнати подеднакво и пациентите и тимот кој од детската клиника се пресели во „Жан Митрев“.

Од Министерството за здравство потврдуваат дека има извесни несогласувања, но очекуваат тие да бидат надминати.

„Нашите информации се дека има некои несогласувања што се однесуваат на тековните работи и сметаме дека тие можат да бидат надминати. Оставки не ни се најавени, но дури и да се случат, тоа нема да ги загрози пациентите. Тие и понатаму ќе ја добиваат услугата на товар на Фондот бидејќи болницата има склучено годишен договор за операции на деца до една година и целата експертиза е таму, концептот нема да се наруши. Има и гости од Србија, кои им помагаат на докторите, а и самата клиника  вложува голем дел од своите капацитети за децата до една година. Целта на ова некласично јавно приватно партнерство беше да добиеме подобри услови за децата и таа е постигната“, велат од Министерството за здравство и нагласуваат дека клиниката била избор токму на тимот од детска клиника чии членови решиле да дадат оставки во јавното здравство и да преминат во „Жан Митрев“.

Одлуката за партнерството и селење на тимот од детска клиника во „Жан Митрев“ министерот за здравство, Венко Филипче, објави дека е донесена во декември минатата година. Имаше големи забелешки од фелата, но и од пациентите околу критериумите по кои била избрана токму оваа клиника, на што министерот одговори дека одлучувачко било тоа што „Жан Митрев“ веќе има договор за работа со Фондот за операции на деца над една година и има соодветни услови за пациентите.

Од заедничката прес-конференција на Чадиковски, Митрев, Филипче и Дончев за успешното здружување на јавното и приватното задравство

Во април годинава, пак, на заедничка прес-конференција докторите Владимир Чадиковски, Жан Митрев, министерот Венко Филипче и директорот на Фондот за здравствено осигурување Данаил Дончев известија дека го здружиле квалитетот и стручноста и го надминале непријателскиот однос меѓу јавното и приватното здравство, што резултирало во подобри услови за пациентите.

Заедно со Чадиковски во „Жан Митрев“ се преселија четворица педијатри, двајца анестезиолози и три сестри. Тие дадоа оставки од детската клиника, а добија вработувања во „Жан Митрев“. Истовремено Фондот за здравствено осигурување извести дека договориле на клиниката да ѝ префрлат 65 милиони денари за операции на деца до една година. Директорот Дончев објасни дека истата сума за операции на деца ја префрлале и на детската клиника во периодот кога кај нив функционирала детската кардиохирургија.

Од Клиниката „Жан Митрев“ не одговорија на прашањата од „А1он“ за несогласувањата со тимот дојден кај нив од детската клиника.

Би можело да ве интересира

Филипче: Невработеност од најниски седум отсто и поддршка од 180 милиони евра за бизнисот

Филипче: Месечен надоместок од почетни 60.000 денари за специјализантите

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ 11 години од специјализантите правеше социјални случаи, СДСМ го плати нивниот труд

Филипче од Кавадарци: Се среќавам со преку 200 луѓе дневно, лице в лице се гради довербата

Филипче од Радовиш вети просечна пензија од 30 илјади денари

Катерина Ѓуровски

Филипче: Зголемување за 15% на капитацијата за матичните лекари

Орце Костов