Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, учествувал на Конференцијата за прогресивната агенда и иднината на проширувањето на Европската Унија, што се одржува во Унгарија, на покана на Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS) и Фондацијата „Фридрих Еберт“ (FES).
Како што информира Филипче преку објава на Фејсбук, на конференцијата ја истакнал потребата од фер, правичен и кредибилен процес на пристапување во ЕУ, како и конкретните придобивки што членството ќе ги донесе за македонската економија, земјоделството, владеењето на правото и функционалноста на институциите.
– Европските реформи не се само услов за членство, туку пред сè можност за подобар живот, посилни институции и поправедно општество. Реформскиот процес мора да значи вистинско подобрување во секој сегмент од државата, наведува Филипче.
Тој оценува дека Македонија денеска се соочува со сериозни предизвици и ја критикува актуелната власт, обвинувајќи ја за партизација на институциите, уназадување на економијата и поткопување на демократијата.
– Наместо да ја движи земјата напред, власта ја враќа назад и им ја одзема европската перспектива на граѓаните, наведува претседателот на СДСМ.
Филипче посочува дека усогласувањето со стратешките интереси на ЕУ, одлучната борба против авторитаризмот и пропагандата, како и спротивставувањето на обидите за ограничување на демократијата и човековите слободи, се заеднички цели.
Тој додава дека СДСМ ќе продолжи да се бори за овие вредности заедно со сестринските социјалдемократски партии и прогресивните партнери од Европа.
– Само преку заедничка акција, солидарност и силна социјалдемократска визија можеме да обезбедиме демократска, правична и европска иднина за нашите граѓани, порачува Филипче.
