Новинарските и медиумските организации се против владини кампањи во медиумите

Од:

Професионалните новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор повторно упатуваат најостра реакција во врска со начинот на кој Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) го води процесот на јавна дебата за дополнително предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) со кои се предлага повторно воведување на т.н. државно рекламирање во земјава се вели во реакцијата на која се потпишани Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Советот за етика во медиумите на Македонија, Македонски институт за медиуми, Институт за истражување на општествениот развој, Здружение на регионални и локални медиуми „Медиум Објектив“ и Институт за комуникациски студии.

– Ние сме против повторното воведување на праксата на трошење јавни пари во приватните медиуми, што во минатото се покажа како погубна за независната уредувачка политика на овие медиуми, за независното новинарство и за состојбата на медиумскиот пазар. Ние сме против законски решенија кои го фаворизираат само интересот на дел од приватниот медиумски сектор и ја занемаруваат критичката улога на новинарството во демократијата и јавниот интерес на сите граѓани.

– Нагласуваме дека овие решенија се во целост спротивни на стандардите на Европската комисија, а особено на новата предлог – Регулатива за слободата на медиумите во која е јасно наведено дека европскиот пазар се нарушува со нетранспарентната и неправична распределба на јавни средства за државно огласување, особено кога тие средства преференцијално се доделуваат на водечки национални медиуми или се користат за тајно фаворизирање или субвенционирање на медиуми кои пренесуваат ставови блиски на актуелната власт.

Ние сме за законски решенија со кои ќе се поттикне разновидноста на квалитетни содржини и ќе се поддржи независното и професионално новинарство и во непрофитниот и во приватниот сектор – а тоа е можно преку воведување Фонд за плурализам на медиумски содржини.

Ние располагаме со капацитети, знаење и меѓународни искуства да изработиме квалитетни предлози со кои ќе се подобри статусот на медиумските работници, ќе се опфатат сите чинители во индустријата без да се фаворизираат страни, а се со цел да се зајакне неоспорната независност на новинарската дејност.

Особено загрижува тенденцијата со која Владата, од една страна, се договара и му ветува на приватниот медиумски сектор дека ќе ја воведе повторно оваа пракса, а од друга страна одговорноста за тоа што не е досега воведена ја префрла на здруженијата и организациите кои се конзистентни во принципиелниот став дека се против праксата со јавни пари да се плаќаат кампањи во приватните медиуми. Дополнително, овој предлог е изработен на нетранспарентен начин без експертска поддршка и затоа истиот треба да биде повлечен.

Од овие причини, ја информираме јавноста и надлежните институции дека нема да учествуваме на денешната јавна расправа во организација на МИОА со која се сака да се прикаже лажна транспарентност за процес за кој во општеството не постои ниту минимален консензус.

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Грубо прекршување на правата на новинарката Мирослава Симоновска: Повик за итна истрага

Чадиковски ги повика институциите да се најдат сторителите на запаленото возило на директорот и новинар на штипската Телевизија М НЕТ

ЗНМ: Запалено возилото на колегата Серсемов, бараме итна акција на МВР

Судскиот совет одлучи по претставката на ЗНМ: јавен укор за судијата Спировска Панева

ИКС: Медиумско ангажирање и описменување на младите за поголем граѓански и политички активизам

Катерина Ѓуровски

ЗНМ: Нова контроверзна пресуда на Основниот граѓански суд Скопје