Со благослов на епископ Антаниски г. Партениј делегација од Свештената Бигорска обител денеска ја однесоа иконата на Свети Георгиј Победоносец на Света Гора, во манастирот Ксенофонт, посветен токму на Светиот Великомаченик, информираа од манастирот.
-Таму иконата и нашите браќа беа срдечно и со најголема љубов пречекани од старецот на обителта, архимандритот г. Алексиј, и од неговото монашко братство. Со благослов на старецот иконата беше внесена во сечесниот соборен храм на Победоносецот и благословена во светиот олтар, додаваат од манастирот.
Игуменот г. Алексиј ги поздравил отците и браќата со „љубовта што извира од неговото духовничко татковско срце”.
-Голем благослов е за вашиот манастир и за вашата монашка заедница и за народот Божји таму доаѓањето на светата икона на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец. Посакувам Светиот секогаш да ве поткрепува, да ви носи трофеи на победа, на духовна победа, во оваа епоха којашто е особено тешка. Но, силата и благодатта Божја секогаш ќе нè оснажуваат и застапништвата на светиите ќе ни помагаат и ќе нè водат. Ве молам пренесете му ја нашата најдлабока почит на игуменот и епископ Свет Антаниски г. Партениј, и да му кажете дека го љубиме и го очекуваме, посакал игументо на Ксенофонт.
Утре се очекува иконата да биде однесена во другиот манастир на Света Гора посветен на Св. Георгиј, Свештената Зографска обител, каде што ќе биде допрена и осветена на првобразната Молдавска икона.
Во манастирот посветен на Победоносецот во дебарското село Рајчица иконата ќе пристигне во сабота, 30 март, во 16 часот кога ќе биде одржан торжествен пречек.
– И како што му доликува на еден воен трибун, каков што бил Свети Георгиј, неговата чудотворната икона ќе биде пречекана со големи почести, односно со придружба на параден оркестар. Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, ќе следи празнична Вечерна богослужба, а следниот ден (недела, 31 март, во 9 часот) и Божествена Архиерејска Литургија, посочуваат од манастирот.
Иконата на Св. Георгиј Победоносец, е идентична копија на чудотворната икона на Светиот Великомаченик, којашто во 15. век на манастирот Зограф на Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните светињи, легендарниот молдавски воевода Свети Стефан III Велики.
Како што претходно изјави за МИА сестра Ефимија, со оваа чудотворна икона трајно ќе биде запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата наша држава.
-Со срца и душа ве покануваме да бидете и вие дел од ова сенародно духовно славје и да ги примите големите благослови на Светите Георгиј Победоносец и Григориј Палама, оддавајќи им достојна чест и слава, посака сестра Ефимија.