Портали со фантомски новинари во земјата на лажните вести

Од:

Дали и на кој медиум, особено во делот на интернет-просторот, може да му се верува, е прашање со коешто одамна имаат дилема граѓаните, а во последно време со истото прашање се зафатија и премиерот и министрите, особено во делот за тоа на кои информации објавени на интернет-порталите може и треба да им се верува.

Прашањето за лажните вести одамна е отворено во светски рамки, а земјава стана позната како land of fake news (земја на лажните вести) уште со избивањето на скандалот при изборот на Доналд Трамп за претседател на САД и инволвираноста на лажните велешки сајтови во тој процес.

Во секој случај, алармот се пали очигледно само по потреба кога станува збор за политичарите, но не и за граѓаните, кои во секој момент се должни да имаат проверена и точна информација, бидејќи искуството покажува дека лажните вести знаат да направат многу поголеми штети врз општеството од она што навидум изгледа.

Редакцијата на „А1он“ изработи истражување во кое беа опфатени шеесетина веб-портали, вклучително и оние на телевизиите, кои исто така објавуваат вести на нивните веб-страници. Ги анализиравме самите веб-страници, без дополнителни истражувања кој стои зад нив, односно гледавме дали на самиот портал е транспарентно објавена фирмата на која е регистриран порталот, дали има контакт-адреса и телефон, дали се знае кој е уредникот на порталот, дали таму работат повеќе новинари или, пак, станува збор за човек-портал, дали е нагласено дека во порталот е ангажиран лектор итн.

Отсуството на овие податоци на порталите не значи дека тие шират лажни вести, но, сепак, објавувањето на транспарентното сопствеништво  им дава подетална слика на читателите за тоа кој стои зад информацијата што ја објавува, а со тоа тие добиваат право на избор дали ќе веруваат во објавеното.

Третина од анализираните портали немаат наведено контакт адреса или телефон

Нашата анализа покажа дека повеќе од третина од порталите немаат наведено која е фирмата издавач, а за повеќе од 20 од анализираните онлајн медиуми воопшто не е наведена контакт-адреса или телефон. Голем дел од порталите што ги анализиравме имаат наведено уредник и редакција, но тука наидовме на една симптоматична ситуација.

Имено, во голем дел од порталите наведенo е дека работат само двајца до тројца новинари. Наидовме на ситуации кога во импресумот како новинари се наведени, на пример, имињата на членовите на семејството на уредникот или, пак, лица кои воопшто не можат да се најдат низ архивите на „Гугл“. Па така на пример, во еден од порталите како репортери се наведени извесни ‘Сара Фемина’ и ‘Перо Миличин’, лица кои ниту се познати во новинарските кругови ниту, пак, можат да се најдат при пребарувања на интернет.

Евидентно е дека на веб-страниците на поголем број телевизии не е наведено кој стои зад нив, односно ретко која од нив има импресум. Сопствеништвото на телевизиите е транспарентно и објавено од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, но, сепак, на веб-страниците на телевизиите изостануваат овие податоци, што не е случај со светските медиуми.

Oд 63 портали, само пет на веб-страницата имаат наведено дека имаат ангажирано лектор во редакцијата.

Она што е очигледно е дека одредени веб-портали кои немаат објавено податок за тоа која е фирмата издавач или немаат наведено адреса, ги немаат наведено ниту другите податоци.

Па така, на веб-порталот infomax.mk, за кој неодамна се разви дебата во јавноста, а министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, рече дека е „фантомски портал“, откако премиерот и неколку министри се заканија дека на суд ќе докажуваат дека не биле вмешани во аферата „Рекет“, нема никакви податоци за сопственоста. Токму за овој портал експремиерот Никола Груевски, азилант во Будимпешта, даваше интервју во неколку делови откако избега од државата.

Импресум на веб-порталот „Инфомакс“

Податоци за сопственоста не се наведени ниту на aktuelno24.com.mk, balkan.mk, mkd-news.mk, pogled.mk, dokazmakedonija.mk … Ова значи дека кој било читател или засегната страна тешко може да стапи во контакт со веб-порталот за одредена објавена или необјавена информација или, пак, да испрати реакција.  Од друга страна, неретко на овие портали се гледаат бројни реклами од големи компании, па оттаму нејасно останува како воопшто огласувачите стапуваат во контакт со нив и зошто воопшто решаваат да се рекламираат на портали со нејасна и нетранспарентна сопственичка структура. Ова е дотоколку повеќе симптоматично ако воопшто не е регистрирана фирма што раководи со порталот, па нејасно е на чија сметка се влеваат парите од рекламите.

Пред неколку дена Здружението на новинари и Советот за етика во медиумите во соработка со Стопанската комора најавија дека ќе формираат регистар на онлајн медиуми за да се подобри известувањето на порталите, кои, статистички гледано, се најчести креатори на дезинформации, клевети и невистини. Регистарот ќе ги содржи професионалните портали кои ги исполнуваат условите да бидат медиуми, а процесот има за цел да ги препознае и оддели професионалните медиуми од таканаречените медиуми коишто имаат цел да шират невистини.

Регистарот на онлајн медиуми треба да ѝ помогне и на бизнис-заедницата за да знае во кои медиуми треба да се рекламира, бидејќи има и општествена одговорност да го поддржи процесот на постоење на квалитетни медиуми.

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Новинарот Фуркан Салиу да биде пуштен на слобода, а МВР да ја информира јавноста за причините за неговото приведување

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

ЗНМ: Oсуда за нападот кон колегата Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје: Соработка за унапредување на новинарството