Седум денa по заминувањето од градоначалничката функција во општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски на општинска сметка се гоштевал во кафеана. „А1он“ дојде до сметката, на која пишува дека е направена на 3 ноември, односно седум денa откако тој ја напушти функцијата и беше верифициран мандатот на новиот градоначалник. И фактурата е издадена истиот ден. Во Општина Ѓорче Петров пристигнала по 15 денa.
Во делот на „примил“ е потпишан самиот Наумоски. „А1он“ се обиде да го исконтактира за да добиеме одговори зошто по завршување на мандатот се гоштевал на општинска сметка, но тој не одговори на повиците.
Фактурата изнесува 21.510 денари, а сметката е долга со 32 артикли. Се мезело таратур, тиквички со павлака, биено сирење на скара, македонска салата, апетисани. Се јадело прасечко, димен лут колбас, плескавици, пилешко, пица, сирење. На општинска сметка по истекот на мандатот се пиело по неколку жолти ракии, мастики, уза, вина, пива и еден сок од портокал.
Во прибелешка, со истиот ракопис како и оној со кој е потпишан Наумовски пишува „членови на стар состав“, за кои се претпоставува дека се гоштевале со Наумоски. Во тој момент ниту тие немале мандат, бидејќи седум дена претходно беа верифицирани мандатите на новиот советнички состав.
„А1он“ се обрати и во Општина Ѓорче Петров. Оттаму велат дека фактурата нема да ја платат. Тие додаваат дека Наумоски немал право да потпишува фактури во име на општината откако му завршил мандатот.
„Ве известуваме дека е нотиран таков случај и Општина Ѓорче Петров постапи согласно законските обврски. Фактурата е вратена со пропратно писмо до економскиот субјект од страна на секторот за финансии, во кое е наведено дека на датумот кога е направена и потпишана сметката г. Наумоски не ја извршувал функцијата градоначалник и немал право да потпише“, велат од Ѓорче Петров.