Платформата „12:05“ бара итни политички реформи, проверка на имотот на функционерите и нов изборен модел

Од:

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ упати низа барања до власта и опозицијата за забрзување на реформите, зајакнување на борбата против корупцијата и напредок во евроинтегративниот процес. Меѓу главните предлози се воведување една изборна единица, отворени кандидатски листи, проверка на имотот на сегашните и поранешните функционери и спречување на застарувањето на кривичните дела поврзани со политичка корупција.

Барањата следуваат по објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2026 година. Од Платформата оценуваат дека реформите во изборниот систем и борбата против корупцијата не треба да чекаат напредок во преговорите со Европската Унија.

„За промени внатре не треба да чекаме“, порачуваат организаторите, посочувајќи дека досегашното спроведување на Реформската агенда, учеството во Планот за раст за Западен Балкан и усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ покажуваат дека државата има капацитет за реформи кога постои политичка волја.

Тие ги повикаа политичките партии да престанат да ги користат извештаите на Европската комисија за меѓусебни политички пресметки, нагласувајќи дека членството во ЕУ е долгорочна државна цел, која не смее да зависи од мандатот на една влада. Воедно, ја поздравија високата поддршка на граѓаните за европската интеграција и покрај долгогодишниот застој во процесот.

Во однос на домашните политички состојби, од „12:05“ посочуваат дека меѓусебните обвинувања во албанскиот политички блок, особено оние поврзани со етнички и идентитетски прашања, често ги засенуваат, како што велат, бизнис-интересите и тендерските договори. Одговорност за состојбите со високата корупција гледаат кај партии и од власта и од опозицијата.

Како пример ги наведуваат измените на Кривичниот законик од 2023 година, за кои и во годинешниот извештај на Европската комисија се упатени сериозни забелешки. Платформата бара законски и уставни решенија со кои ќе се спречи застарувањето на кривичното гонење за дела поврзани со политичка корупција, сторени од избрани и именувани функционери.

Меѓу конкретните предлози е и проверка на потеклото на движниот и недвижниот имот на сите сегашни и поранешни избрани и именувани лица, како и на членовите на нивните потесни семејства.

Промени се бараат и во изборниот модел. Според предлогот, Македонија треба да стане една изборна единица, а гласачите преку отворени кандидатски листи да добијат можност директно да влијаат врз изборот на пратениците. Организаторите сметаат дека ваквиот систем би ја зголемил отчетноста на избраните претставници пред граѓаните.

Во делот на евроинтеграциите, „12:05“ бара изработка на државен план, усогласен меѓу власта и опозицијата, со кој Македонија би се приклучила кон Албанија и Црна Гора во процесот на пристапување кон ЕУ. Како можност за забрзување на процесот ја посочуваат постепената интеграција во Унијата, а бараат и поширок политички и меѓуетнички договор за уставните измени и правните гаранции што ги сметаат за неопходни.

Платформата ја отвори и темата за повратот на ДДВ кон компаниите. Повикувајќи се на податоците од извештајот на Европската комисија, организаторите наведуваат дека од секои 100 денари собран ДДВ, во законскиот рок се враќаат само 14,3 денари. Овој податок го оценуваат како сериозна забелешка за економските состојби.

Воедно, реагираат и на состојбите со медиумските слободи, особено на навредите и клеветите во јавниот говор насочени кон оние што изнесуваат поинакви ставови.

Од „12:05“ порачуваат дека извештајот на Европската комисија треба да биде поттик за конкретни домашни промени, а не повод за нови партиски конфронтации. Според нив, за реформите се потребни политичка одговорност, договор и дејствување од сите релевантни институции и партии.

Би можело да ве интересира

Левица повикува да се потпише Македонска платформа: „Една изборна единица и распуштање на историската комисија“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Богојески: „Македонски концепт“ е платформа која ќе ги обедини граѓаните околу принципи и идеи

Габриела Димковиќ-Мишевска

(ВИДЕО) Заев: Нема појдовни платформи, има предлог програма за Влада која нуди заштита на унитарноста на Македонија

Предраг Петровиќ

Никој не прифаќа избори, а и доколку се одржат, платформата останува

Предраг Петровиќ

Словенечка амбасада: Во говорот на Ерјавац не е спомената платформата

Наум Локоски

(ВИДЕО) Ангелов: Албанците да ја повлечат платформата, бараме средба со Ахмети

А1он