Организаторите на бојкот на наставата тврдат дека има одѕив

Од:

Фејсбук-групата на родители „Учебници и настава мора да има“ за денеска најави бојкот на наставата со барање да се стопира донесувањето на законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

Претставничката на неформалната фејсбук-група Драгана Спасевска, која вчера ги соопшти барањата и најави бојкот, за МИА утрово изјави дека се бојкотира во повеќе основни училишта, а за средните, рече, нема информации.

– Имам доста информации од родители и наставници дека денеска воопшто не почнале со настава. Имам приватни податоци што ми стигнуваат и можеби 80-90 проценти денес нема да има настава кај основците. За средно немам доволно информации, рано е уште. Нашиот став е дека еден ден пропуштен во наставата не е толку значаен колку што е значајно да се донесат промени во образованието. Ќе стоиме зад сите наши дела се додека не не слушне Министерството, рече Спасевска.

За начинот како го организираат приклучувањето на бојкот со оглед дека се неформална група, одговори дека „секој родител одлучува за своето дете“ и дека таа не може, како што рече, никого да принуди да не го пушти своето дете на настава, но дека „волјата на родителите е силна во изминатите пет дена“.

Спасевска одговори и дека од надлеженото министерство никој не ги повикал на средба, а сакаат, рече, да дебатираат и да ги предложат своите факти и аргументи дека овој предлог-закон нема да донесе позитивни ефекти за децата.

Средношколскиот сојуз вчера се огради од бојкотот со укажување дека негови организатори не се тие, туку родители. Лидерот Бленди Ходаи утрово за МИА изјави дека нема сознанија дали средношколци денеска бојотираат самоиницијативно.

– Знаеме дека истите средни училишта, три или четири во Скопје и Штип, бојкотираат и денеска. Се работи за неколку паралелки што ја бојкотираа наставата. За други училишта за денеска се уште немаме информации, ќе добиеме од наши претставници дали се бојкотира во нивните градовите, рече Ходаи. Повтори дека нивниот став е учебници треба да бидат достапни и во електронска и во хартиена форма.

Неформална фејсбук-група „Учебници и настава мора да има“ здружени на Фејсбук, која има над 70 000 приврзаници, вчера пред Министерството за образование и наука ги изнесе своите барања – да се стопира носењето на новиот закон за учебници, да се организира јавна расправа и нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции.

Би можело да ве интересира

Митева: Нови набавки во МОН за дигитални учебници без објавени наставни програми

Повици за парични награди за освоени медали на научни олимпијади и за први три места на меѓународни натпревари по математика и природни науки

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Средношколците ќе учат до 10-ти, a основците до 17 јуни, ќе се одлучува како ќе се надоместат двете неработни среди за изборите

Учениците од четврто, петто и шесто одделение од денеска ќе ги имаат првите дигитални интерактивни учебници

Објавени се резултатите од конкурсите за доделување ученички стипендии за учебната 2023-2024