Општина Чашка ги брка планинарите од домот во Папрадиште, две години пред да им заврши договорот

Од:

Една недела откако помина рокот кој општина Чашка им го даде да го напуштат објектот на планинарскиот дом Папрадиште, членовите на еколошкото здружение „Грин Пауер“ се уште се таму, а градоначалникот Горан Стојановски не презема никакви мерки.

dobivaj vesti na viber

Еколошкото здружение обвинува дека градоначалникот Стојановски се обидува да им го одземе домот на незаконски начин повикувајќи се на решение за раскинување на договорот од неговиот претходник од 2011 година, иако нивниот договор за стопанисување со објектот истекува за две години.

Игор Смилев од „Грин Пауер“ е убеден дека некој му фрлил око на домот за планинарите кој е тврдина на планинарскиот туризам во централна Македонија, а градоначалникот сака да ги избрка од домот само со указ од општината без за тоа да одлучи судот.

– Во 2004 година го добивме домот на стопанисување и тогаш наместо надоместок за кирија се обврзавме дека ќе вложиме 50.000 долари преку проект од Светската банка. Затоа и ни беше дододелен домот и се уште сме под тој договор кој е правно валиден. Во меѓувреме изградивме канализација од сопствени средства што е инаку обврска на општината и изградивме плоштад во село Папрадиште што е инаку негова обврска. Маркиравме стотици километри планинарски патеки, организиравме манифестации за соживот меѓу дечињата од различна етничка припадност и рекреации на деца со посебни потреби. Плаќаме редовно и за сметот.

Не е спорно дека може да го земе, но нека го направи тоа откако ќе ни заврши договорот, нека си го земе некој кој има пари и нека го реновира, нека направи хотел и нека си плаќа надоместок. А, нему му текна во вториот негов мандат на две години пред истек на договорот да ни го зема без основа. Ова е класичен политички прогон. Си имаме валиден договор во кој сме ги исполниле сите обврски. Нека не остават, а потоа нега го растргнат домот. Ние за 18 години сме вложиле многу повеќе отколку да сме плаќале евентуална кирија или надоместок – вели Смилев за „А1он“.

Првиот човек на општина Чашка, Горан Стојановски вели дека неговиот претходник во 2011 година им го раскинал договорот, а тој морал да ја спроведе таа одлука, која била правосилна.

– Досега не се плаќал никаков надоместок. Општината мора да генерира приходи од сите домови и затоа во иднина ќе се наплаќа концесија. Јас не ги бркам, туку само постапувам по закон. Ги повикувам и „Грин Пауер“ да се пријават на јавниот повик и да конкурираат, но додека тоа се случи тие ќе мораат да го напуштат домот за да може општината да направи проценка на вредноста. Објектот е сопственост на општината и за него постои голем интерес. Целта е од замрени домови да се направат модерни домови според малку повисоки стандарди – истакна градоначалникот Стојановски за „А1он“.

Еколошкото здружение смета дека градоначалникот има поинакви планови во домовите во селата Бистрица, Мокрени и Папрадиште. Во првите две села домовите веќе се вратени во рацете на општината, а во последното и најголемо село тие ја имаат поддршката на жителите со кои се обединети и во уште една борба – законското опустошување на шумите во регионот Азот во подножјето на Солунска глава.

– Планинарите заедно со жителите се борат против ненормалната сеча на шумите и тоа е во ред. Но, нека не се кријат зад нив затоа што немаат поддршка од месната заедница која ми се жали од седенките во домот. Имало гласна музика и забави со консумирање на марихуана. Жителите на селото не се на нивна страна кога се работи за планинарскиот дом – додаде Стојановски.

Од „Грин Пауер“ најавија дека ќе се мобилизираат и со сите средства, вклучувајќи и блокади и протести, ќе го бранат договорот за користење на домот доколку градоначалникот не ја преиспита својата одлука.

Би можело да ве интересира

Заменик градоначалничката на Град Скопје поднесе оставка

Горан Наумовски

ВИДЕО: Се враќа ли Груевски во белата палата – ќе го пречека ли Данела?

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Германска планинарка загина во Црна Гора: Војската и го извлекла телото од 2.400 метри височина

А1он

Градоначалникот на Велес од граѓаните бара совети за штедење, а во истовреме одобрува привремени вработувања

Орце Костов

Градоначалникот на Велес: Граѓаните да ни кажат како да штедиме струја, во загуба сме 500.000 евра

Орце Костов

Планинар загина при удар на гром во Грција

А1он