Екс градоначалникот на Вухан е осуден на 14 години затвор за примање 9 милиони долари мито

Од:

Поранешниот градоначалник на кинескиот град Вухан, кој беше погоден од епидемијата на коронавирус пред повеќе од шест години, денеска беше осуден на 14 години затвор поради примање мито.

Џоу Сјанванг се најде на удар на критики поради начинот на кој управувал со почетните фази на епидемијата во Вухан, град во централна Кина.

Сепак, во соопштението на судот не се спомнуваат неговите постапки за време на епидемијата, туку фокусот е ставен на примањето мито. Судот исто така му изрече парична казна од пет милиони јуани, односно околу 747.000 долари.

Судот во Шангќи соопшти дека во периодот од 2003 до 2025 година, Џоу ги користел различните функции што ги извршувал за да им помогне на други лица во водењето бизнис и во добивањето административни дозволи. За возврат, тој добивал пари и вредни предмети во вкупна вредност од над 60,5 милиони јуани, или околу девет милиони долари. Судот наведе дека станува збор за исклучително голем износ.

Казната му била намалена бидејќи ги признал кривичните дела, соработувал со надлежните органи, а поголемиот дел од незаконски стекнатиот имот бил вратен, се наведува во соопштението на судот.

Борбата против корупцијата стана еден од клучните елементи на политиката на кинескиот лидер Си Џинпинг откако тој дојде на власт во 2012 година.

Илјадници функционери беа отстранети од своите позиции, меѓу кои и некои високи политичари кои важеле за негови ривали.

Кога се појавија обвинувања дека властите во Вухан не успеале навремено да објават информации на почетокот на епидемијата на Ковид-19, Џоу изјави дека локалните власти не можат да објавуваат податоци за заразни болести без претходно одобрение.

Во декември 2019 година, пациенти почнаа да пристигнуваат во болниците во Вухан со симптоми слични на грип, вклучувајќи висока температура, кашлица и отежнато дишење.

Набргу потоа, една кинеска лабораторија состави речиси целосна генетска секвенца на вирусот, која покажа сличности со коронавирусот одговорен за епидемијата на САРС во 2002 и 2003 година.

Лабораторијата ги известила здравствените власти, но информацијата била чувана во тајност. Во средината на јануари, кинеските здравствени власти на еден внатрешен состанок објавија дека „појавата на групирани случаи укажува на можност за пренос од човек на човек“ и наредија итни подготовки за пандемија.

Сепак, тие ја минимизираа опасноста од ширење на вирусот меѓу населението.

Како што се ширеше заразата, Вухан беше ставен во карантин на 23 јануари 2020 година, кој траеше 76 дена.

Би можело да ве интересира

Уапсена е инспекторка од АХВ – бараше мито

А1он

Се бара притвор за приведениот помошник директор во Царинска управа, осомничен дека примил поткуп од 17.500 евра

Уапсен помошник директор во Царина – бараше мито од над 15.000 евра

А1он

Студентка платила мито за да лиценца за стоматолог: кривични и за неа и за двајца професори

Катерина Ѓуровски

Ексградоначалник на Свети Николе е осомничен за злоупотреба на службената положба

Градоначалник во Франција обвинет за силување и водење култ

А1он