Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги поднесе кривична пријава против три лица осомничени за „давање награда за противзаконито влијание“, „примање награда за противзаконито влијание“ и „примање поткуп“.
Пријавени се А.Т. (27) од Битола, С.Ч. (56) од Гостивар и С.Е. (63) од Скопје. При претреси кај второ и третопријавениот, полициските службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал пронашле и одзеле 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари.
Според МВР, А.Т., студентка на Стоматолошкиот факултет, во декември 2025 година преку комуникација на „Вибер“ му дала парични средства на С.Ч., професор на Стоматолошкиот факултет и поранешен потпретседател на Стоматолошката комора.
Средствата, како што се наведува во пријавата, биле дадени со цел С.Ч. да изврши влијание врз С.Е., кој бил претседател на Комисијата за полагање стручен испит за здравствени работници со високо образование од областа на стоматологијата при Министерството за здравство.
Од МВР посочуваат дека А.Т. на испитната сесија во декември 2025 година, на 17 декември, пред формираната комисија го положила стручниот испит и се стекнала со уверение, иако, според наводите, не го поседувала потребното знаење.
Случајот е предаден до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
