Николовски: Најважно е да се заштити јавното здравје, прекршителите на протоколите нема да се толерираат

Од:

Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, денеска одржаа заедничка прес-конференција за новите измени на Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, кои беа усвоени на вчерашната владина седница.

Николовски изјави дека една од неговите главни обврски е да се погрижи да се обезбедат услови за целосно почитување и имплементирање на законите и протоколите кои произлегуваат од нив. Во овој период, рече вицепремиерот, од исклучителна важност е почитувањето на сите здравствени КОВИД протоколи, за да се заштити здравјето на секој граѓанин.

„Да бидеме јасни – поголемиот дел од граѓаните и фирмите ги почитуваат мерките и се вистински позитивен пример за секого. Но за жал, како и во секое општество, и кај нас има такви кои истите одбираат да ги игнорираат и со тоа создаваат лоша слика за целината, во која повеќето се чесни субјекти кои даваат се од себе да се заштитат себеси и своите сограѓани,“ рече Николовски.

„Изминативе денови бевме сведоци на прекршувања на законите и непочитување на КОВИД протоколите од одредени субјекти, и по неколку укажувања од страна на инспекциските служби. Наша обврска е да го заштитиме здравјето на граѓаните, да го следиме почитувањето на здравствените протоколи, да не дозволиме заради поединци да биде загрозено јавното здравје и да страдаат сите. Затоа, по повеќе консултации со Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и со Инспекцискиот совет, дојдовме до консензус за преземање на брзи и ефикасни мерки,“ додаде вицепремиерот.

На вчерашната владина седница беа усвоени измени на Законот за заштита на население од заразни болести, на барање на Инспекцискиот совет. Со тоа, сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на КОВИД протоколите. Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво.

Конкретно, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти кои не ги почитуваат мерките. Дополнително, според новите прописи, висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект. На овој начин очекуваме дека ќе се обезбеди ефективност на санкцијата, а од друга страна ќе постои правичност, односно ќе им се даде можност на оние правни лица кои ги почитуваат протоколите да продолжат да си ја вршат својата работа, а оние правни лица кои нема да ги почитуваат протоколите да бидат соодветно и навремено санкционирани.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Николовски: Над 210 милиони евра на располагање за инвестиции преку ИПАРД 3 во следните четири години

(ВИДЕО) Министерот Николовски заедно со земјоделците од Свети Николе денес ги потпишаа првите договори за продолжување на закупот на земјоделско земјиште

Николовски: Земјоделците од Кочанско рекордери во искористувањето на ИПАРД поддршката, утре ќе биде објавен новиот повик за мерката 3

Николовски од Берово: Продолжуваме со поддршката на жените земјоделки

Горан Наумовски

Николовски: Досега 838 млади земјоделци успешно ја реализирале поддршката со мерките на МЗШВ

(ВИДЕО) Николовски: Со реализирани 63,1 милиони евра за над 2.100 реализирани инвестиции успешно ја заокружуваме ИПАРД 2 програмата

Горан Наумовски