Како промоција на јужноафриканскиот Апартхејд 42 невладини организациии и граѓански здруженија го оценуваат инцидентот во трговскиот центар „Скопје Сити Мол“, за кој минатата недела извести фирмата „Land Service“ (Ленд Сервис), која се грижеше за хигиената во објектот. Таа обвини дека менаџерскиот тим на трговскиот центар наложил отстранување на сите вработени од ромска националност од одделот за храна.
Според реакцијата на која се потпишале невладините организации, барањето за отстранување на Ромите претставува драстичен пример за расна и етничка дискриминација.
„Ваквото однесување е неприфатливо според Уставот и законите на Републиката и неприфатливо во мултикултурно општество како нашето. Сегрегацијата и дискриминацијата по било која основа не се дел од светот кој се обидуваме да го изградиме и затоа јавно го осудуваме ваквото однесување на раководителите на компанијата кои се директно вклучени во настанот“, стои во писмената реакција на обединетиот невладин сектор.
Оттаму бараат надлежните институции да реагираат соодветно, да ги лоцираат одговорните за овој чин и најстрого да ги казнат, а раководството на трговскиот центар јавно да се извини на вработените Роми и на сите Роми воопшто преку средствата за јавно информирање, како и да ги казни директно одговорните.
Бараат, исто така, на видливи места во целиот објект да бидат поставени лесно приметливи табли со текст: „Добредојдени се сите без оглед на расна, национална, верска, родова и друга припадност“ и апелираат дека ќе пристапат кон бојкотирање на продажниот комплекс, преку, како што велат, соодветни активности пред објектот сè додека не им се исполнат барањата. Истовремено ги повикуваат и граѓаните да им се придружат во овие демонстраци за да го привлечат вниманието на институциите.
Меѓу невладините организации кои се потпишале на реакцијата се: Граѓанска иницијатива АМАН, Фондација Отворено општество – Македонија, Плоштад Слобода, Младински образовен форум, Институт за човекови права, НВО Инфо Центар, Македонски центар за европско образование, Контрапункт и Хера – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Темјана Поповска