Нема казни за советникот Нефи Усеини за тепачките, дивоградбите, заканите, фалсификувањето

Од:

Четири предмети против советникот во Општина Охрид од редовите на ДУИ, Нефи Усеини, со месеци тапкаат во место. Институциите останаа глуви за физичките пресметки, дивоградбите, узурпирањето државен имот, фалсификување, односно уништување деловни книги, а тоа се кривични дела за кои од Усеини се бара одговорност.

Обвинителството води постапки, но поминаа месеци, а тие и натаму тврдат дека се заглавени во делот на доказите. За тоа време во пицеријата на Усеини, која ја изгради на државно земјиште без дозвола, се пречекуваат туристи, бетонската база за која исто така нема дозвола и е изградена на земјиште од ИВЗ работи со полна пареа, а инспекторот од Управата за заштита на културното наследство заедно со советникот од Општина Охрид, Џемал Мена, кои беа физички нападнати и натаму чекаат за нивните случаи да биде донесена одлука за поведување судска постапка.

„Во моментот во сите предмети се финализира прибирањето на материјалните и вербалните докази по што ќе бидат донесени и јавнообвинителски одлуки за натамошниот тек на постапките“, велат од Обвинителството за „А1он“.

Во два предмета Усеини се гони за кривично дело бесправно градење, двапати за спречување службено лице во вршење службено дејство и по еднаш за загрозување на сигурноста и фалсификување или уништување деловни книги. За овие дела најмала предвидена казна е глоба, а најголемата е три години затвор. Доколку се поднесе обвинение пред судот за сите предмети и дела, Усеини максимално може да добие 10 години затвор според Кривичнот законок.

Усеини во април годинава спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот, а притоа и му се заканувал. Обвинителството отвори предмети два месеца потоа, односно неколку дена пред Усеини да го натепа советникот во Општина Охрид, Џемал Мена, среде седница.

„Постапката против Усеини за нападот на инспекторот од Управата за културно наследство се наоѓа во фаза на проверка на наводите во пријавата за што ќе се изврши и сослушување сведоци. За оштетениот советник на Општина Охрид се постапува во насока на проверка на наводите“, додаваат од Обвинителството.

Санкции за Усеини најави и премиерот Зоран Заев пред пет месеци, неколку дена откако Усеини го натепа професорот Илјази, за што доби само прекршочна пријава. Заев рече дека советникот ќе одговара дури и по цена СДСМ да го изгуби мнозинството во Општина Охрид. Засега остануваат неостварени и најавите на градоначалникот Константин Георгиески, кој рече дека ќе ја урне бетонската база на Усеини, која се наоѓа на стариот пат Охрид – Струга. Молк и од Државниот градежен инспекторат, кој сега е надлежен за рушење на терасата кај Чинарот.

Управата за извршување санкции за „А1он“ достави казнена евиденција за советникот на ДУИ, Нефи Усеини. Според неа, Усеини во периодот од 2005 година до 2011 година трипати бил во затвор за фалсификување исправи и за насилство. Во затвор поминал вкупно една година и пет месеци, а има и неколку условни казни. Тој е советник од 2017 година.

Би можело да ве интересира

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион