Од девет случаи каде што вчера Антикорупциската комисија утврди дека постојат сериозни индиции за непотизам, дури во шест е утврдено дека работните места наменски се креирале за да се вработат токму роднините на функционерите. Во два случаи, пак, огласот што бил распишан не бил во согласност со систематизацијата туку со условите што ги исполнувал кандидатот.
„Како основна алатка за избор на кандидатите се користи интервјуто. Не се утврдуваат критериуми за евалуација на личните и стручните квалификации на кандидатите, ниту има пракса за подготвување ранг листа. Имајќи предвид дека со законските акти не е утврдена обврска за усвојување на процедури за спроведување на постапките за вработување, дискреционото право на одговорното лице се користи во најголем број на случаите. Исто така, Согласно законските акти одбиените кандидати кои конкурирале на огласите добиле само известување дека се одбиени без можност да се жалат ниту да користат било каков друг правен лек“, се вели во известувањето на Антикорупциската комисија.
Комисијата ќе се обрати до надлежните министерства, со предлог да се направи анализа на Законите што регулираат вработувања во јавниот сектор, со цел да се утврдат ризиците од влијанија и злоупотреба на дискреционите овластувања во процесот на вработување за што ќе ги извести Владата и Собранието.
Од сите предмети, најевидентни се примерите за вработување на роднини на функционери во ЕЛЕМ и во МЕПСО. Сомнежи за непотизам постојат кај вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска во МЕПСО, сестрата на министерот за култура Асаф Адеми во ЕЛЕМ, сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши во МЕПСО, сопругот на пратеничката Магдалена Несторовска во ЕЛЕМ.
Најбројни се случаите поврзани со пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски чија сестра е вработена во Централниот регистар, дедото во ФОД ДООЕЛ Новаци АД ЕЛЕМ, а бабата во ДУД Мирка Гинова.
Иако е исклучително тешко да се докажат влијанија при вработувањата на роднините на функционерите, начинот и спроведените постапки при вработувањата се доволни за да се запали алармот кај институциите и соодветно да се реагира.
Премиерот Зоран Заев веќе ги повика сите роднини на функционери да се повлечат од работните места, Кирацовски веќе најави дека неговите роднини ќе се повлечат, но и тој, исто како и министерот за економија Крешник Бектеши демантираа дека имале било какво влијание при вработувањата на нивните блиски.
За сите досегашни сомнежи за непотизам ДКСК ќе ја извести Владата, а Надзорните одбори на ЕЛЕМ, МЕПСО и останатите претпријатија каде што има вработувања на роднини на функционери треба да извршат увид и надзор над овие постапки.
Претседател на Надзорниот одбор на ЕЛЕМ е Верица Узунова, а членови се Златко Петрески, Љубчо Кижески, Садудин Ибраими и Сашо Додовски.
Претседател на Надзорниот одбор на МЕПСО е м-р Ева Шуклева, а членови се Снежана Чундева – Петровска, Николче Ацевски, Назиф Буши, Даме Коруноски, Дарко Тасев и Мусли Муслиу.
Мери Јордановска