Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија за утре со почеток од 10 часот пред Собранието најави протест со барање за итно усвојување на законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Јавно ги повикуваме пратениците од најголемите политички партии од мнозинството, СДСМ и ДУИ, итно да го усвојат законот за спречување и заштита од дискриминација, на собраниската седница во понеделник и конечно да се одважат и да застанат на страната на граѓаните. Со неусвојувањето на овој Закон, пратениците и натаму покажуваат дека не им пречи што граѓаните се дискриминирани и лишени од механизми за заштита од дискриминација, особено оние кои се дел од ранливите групи и малцинства во државата“, се вели во соопштението на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата.
Законот за спречување и заштита од дискриминација повеќе од 8 месеци е заглавен во Собранието. На пленарната седница во четвртокот, беше прескокната точката за гласање на овој закон од дневниот ред.
Од Хелсиншкиот ја осудија и реториката која ја користат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на парламенатарната говорница, бидејќи со неа, како што велат, не само што ги етикетираат маргинализираните заедници, туку и отворено поттикнуваат дискриминација и насилство кон нив.
„Ги повикуваме сите граѓани кои имаат нула толеранција за дискриминацијата да ни се придружат за да заедно ги потсетиме народните избраници дека правата на граѓаните не смеат да бидат условени од личните ставови и партиските игри“, се додава во соопштението.
Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација забранува дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Повеќе од 100 граѓански организации, сојузи, фондации и мрежи на граѓански организации го поддржаа овој закон и побараа негово итно донесување.