Министерството за транспорт и врски вчера на својот официјален сајт објави оглас за продажба на градежна парцела на плоштад „Македонија“. Земјиштето зафаќа површина од 1.046 метри квадратни, а е наменето за изградба на објект со приземје и три ката, со бруто површина од 3.780 квадратни метри.
Почетната цена ќе биде 6.000 денари за метар квадратен. Субјектите кои ќе бидат заинтересирани да учествуваат на електронското јавно наддавање, ќе мора да достават банкарска гаранција од 100 илади евра. Воедно, на тендерот ќе можат да учествуваат единствено компаниите кои во текот на 2012 година оствариле годишен обрт на капитал од 30 милиони евра.
Градбата треба да заврши во период од 6 години од добивањето на градежната дозвола. Најповолниот понудувач е должен проектот да го изработи врз основа на Идејното решение за фасадно обликување, кое е објавено на сајтот на Министерството за транспорт и врски.
Рокот за доставување на пријавите е 28 јуни. Јавното наддавање за градежната парцела ќе се случи на 5 Јули 2013 година во 11:00 часот и ќе трае 15 минути. Објектот е предвиден да биде наменет за комерцијални и деловни намени.
Петар Клинчарски