Министерството за внатрешни работи презема стандарди полициски оперативни мерки и активности, коментираат од МВР во врска со обвинувањата кои ги упати поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека зградата во која живее е под опсада.
-Преземаме стандардни полициски оперативни мерки и активности, а се уште од судот немаме добиено никаква наредба за спроведување на Г.Ј. Кога ќе добиеме наредба од судот, ќе постапиме. За сите други информации е надлежен судот, велат од МВР.
– Нема потреба од спектакли, опсада на зградата во која живеам, вознемирување и претресување на соседите. Ако некој ме бара јас сум дома и на крај памет не ми паѓа некаде да бегам. Ништо не е поскапоцено од секој момент поминат со семејството, напиша Јанкулоска на својот Фејсбук профил.
Врховниот суд ги отфрли жалбите поднесени од осудените во случајот „Тенк“, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски и ги потврди пресудите изречени од Апелациониот суд.
Во Случајот „Тенк“, отворен од згаснатото СЈО, предмет на обвинение беше незаконски тендер за набавка на луксузен „мерцедес“. Јанкуловска со првостепената пресуда беше осудена на затворска казна во траење од шест години, а Апелација ѝ ја намали на четири. Поповски првостепено беше осуден на шест години и шест месеци, а Апелација му ја намали казната на четири. Поранешниот премиер Никола Груевски доби затворска казна во висина од две години.