Очекувам Методологијата за прочистување на судството и обвинителството на 28 декември да биде одобрена од Советот за реформи во правосудството најави минстерот за правда, Бојан Маричиќ на настан на Државната комисија за спречување на корупцијата, кој се одржа по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
– Со моето доаѓање во Министерството за правда најавив дека за неколку месеци ќе објавиме методологија според која ќе се филтрира судството и обвинителството. Изработката на оваа методологија е во завршна фаза иако пандемијата малку не забави, но процесот е на крај, очекувам до крајот на годината таа да биде усогласена со Судскиот совет и Советот на Јавните обвинители, а исто така на 28 декември оваа година да биде одобрена од Советот за реформи во правосудството.
Министерот ги потенцираше позитивните наоди од Извештајот на Европската комисија во делот на борбата против корупцијата, но смета дека сепак граѓаните очекуваат опипливи резултати во борбата против криминалот, односно зголемувањена бројот или досието со конечни пресуди за случаи на корупција на високо ниво, вклучително и со понатамошна конфискација на имот стекнат со криминал.
– За враќање на јавната доверба во системот на борба против корупција и криминал, многу е важно обвинителството да ги продолжи постапките со ефикасно постапување пред судовите, а судовите да ги завршат постапките со конечни пресуди, особено оние кои ги отвори СЈО и коишто повеќе години се наоѓаат во судските лавиринти, потенцираше Маричиќ.