(ВИДЕО) Мајката на обљубеното 13 – годишно девојче: Прво бараа тренерот да се обеси на плоштад, а кога дознаа дека е Благој Пешиќ застанаа да го бранат

Од:

По две и пол години поминати во судења, одлагања и притисоци од различни страни, семејството Грбиќ од Кавадарци врз чија 13- го
дишна ќерка, тренерот по стрелаштво изврши полов напад, смета дека правдата е задоволена но не се задоволни со казната од осум години затвор за стрелецот Благој Пешиќ. Ќе се жалат и ќе бараат поголема казна. Мајката на обљубеното девојче, Марија Грбиќ вели дека изминативе две и пол години на своја кожа почувствувале дека системот не фукционира оти место го заштити малолетното дете, луѓето од надлежните институции отворено застанале во одбрана на обвинетиот.

„По 2,5 години низ системот, можам да кажам беше наклонет кон обвинетиот. Во овие две и пол години секое одлагање на судењето беше по нивна желба и затоа траеше толку, можеше да се заврши за краток рок. Тие постојано бараа некои причини за одлагања за сега пред еден месец да зборуваат како системот не ни функционира, дека толку долго време се влече судењето, лицемерно, а сепак тоа беше по нивна желба. Судот не им скрати ништо, ги испочитува нив, а во исто време ние сето тоа го доживуваме“, вели мајката Грбиќ за „А1он“.

Осум години затвор за стрелецот Пешиќ оти обљубил 13-годишна ученичка на тренинг
Покрај битката на суд, семејството Грбиќ секојдневно војувало и дома во Кавадарци.

„ Ние сме во мал град, Кавадарци е мал град. Да се живее во мал град е и клетва и благослов. Тука скоро сите се знаеме. Пред некое време имаше еден натпис на социјалните мрежи во Индија една ученичка го пријави директорот на едно школо дека сексуално ја злоставувал. Таа се самоуби поради притисокот од јавноста бидејќи ние нели се шокираме некој човек на видна позиција, а направил некое такво дело. Е нешто слично се случи и кај нас во Кавадарци. Кога излезе на социјалните мрежи дека еден тренер направил нешто такво на ученичка, првичните коментари беа да се обеси на плоштад, да се осудува, е после се вклучи машинеријата што би рекла јас, на неговото семејство, се дозна името, се вклучија, тие се неколку луѓе, не се многу. Демек неговата ќерка е позната, ние во Кавадарци тука се знаеме, не е дека е нешто големо, и се заврти приказната како ние сме го направиле тоа од корист, што е многу страшно и жално“, вели Грбиќ.

Таа воопшто немала дилема дали да го пријави случајот во полиција веднаш откако нејзината ќерка во март 2017 година се вратила од тренинг исплашена и со одлука да престане да тренира. Пешиќ го извршил половиот напад пред почетокот на тренингот, ја допирал и ја бакнувал по вратот. Уште истата вечер, по пријавата, тренерот Пешиќ бил притворен, но мајката Грбиќ вели дека најголемиот шок за неа не биле ниту моментот кога дознала за настанот, ниту пак мачното пријавување во полиција и давањето искази во Обвинителството во Велес, кое е надлежно за Кавадарци.

„Шокот беше кога наеднаш на социјалните мрежи излегоа делови од извештајот, од исказот на ќерка ми“, мајката Марија Грбиќ

„Шокот беше два дена после тоа, кога наеднаш на социјалните мрежи излегоа делови од извештајот, од исказот на ќерка ми. Во време на истрага, колку јас што сум запознаена, тоа не смее да се случи. Таму се вработени инспектори, полицајци кои што треба за нас да работат, во случајов да ја заштитат малолетната. Го дадоа или од социјалната служба или од полицијата. Излезе за жал делче за да може да се манипулира, не целосно, делче за да може да се манипулира, да се нафрли вината на ќерка ми, како лажела“, вели мајката.

Таа вели дека и самата била стрелец и многу добро разбира дека во секој спорт кога има тренинг се случува допир, но она што и се случило на нејзината ќерка воопшто не било дел од тренингот. Во намерата да ја се изборат за вистината не ги поколебала и големата поддршка што тогаш ја добил тренерот Пешиќ.

„Се направи група на ‘Фејсбук’ за поддршка на чичко Благој и во нејзе беше тогашната директорка на Социјалното, директорки на школи, наставнички, професорки, професори кои што и сега се таму. Тие се луѓе на позиција кои што треба да дадат пример првично за своите деца, после како професионалци, значи тие работат со ученици. Тие му даваат на човек на кој што му одредиле мерка притвор, значи некој во судството одлучил и видел дека тој човек треба да оди во притвор, значи има основано сомнение. Ако ништо друго барем да бидат неутрални, а не да заземат страна во случајот заземаат страна. Таму имаше наставник во школото каде што учеше ќерка ми. И тука е шокот. Добивме писмо од социјалното како јас не сум соработувала со социјалното. Па како може да одам во социјалното да соработувам кога тамошниот директор му дава поддршка на обвинетиот? Одма ја губите довербата во системот. Секоја чест на обвинителката и на судот. Во никој случај не потклекнаа. Имаше собир пред судот во Велес, ги собраа пензионери од плоштадот. Таму немаше ниту еден роднина на обвинетиот, беа собрани изманипулирани луѓе од плоштадот. Прикажаа како му даваат поддршка. Притисок имаше врз колеги спортски работници и наставници за да се потпишуваат на петиција, некои потпишаа. Мал град, што ќе решат другите. Некои отворено застанаа против тоа и реално размислија“, објаснува мајката.

Поради недовербата во институциите во Кавадарци, семејството Грбиќ за ќерката одбрале психолог од друг град. И советувал дека треба да продолжи со стрелаштвото како начин да го надмине она што и се случило, но по нападот таа не сака да се врати на тренинзите и покрај добрите резултати што ги постигнала за кус период.

„Таа прекина од денот кога беше на последниот тренинг и толку. Прво беше нејзиниот брат таму па прекина, отиде во друг град. Во разговорите со него кога доаѓаше од тренинг ја разбуди желбата и кај неа за стрелаштво. За кратко време се покажа дека и таа е добар стрелец и носеше дома награди. За тоа наеднаш да се сруши во вода. Скоро две години тренираше. Мора да напоменам дека во време кога ги викнаа сведоци во негова корист тренерите, помошните тренери сите кажаа и го потврдија успехот на ќерка ми. Тие го потврдија успехот, а во исто време дадоа поддршка на спротивната страна и не само тие туку и во другите градови и никој не размисли дека се уништува еден талент, можеби иден олимписки првак. Го убија тој дух“, вели мајката Грбиќ.

Таа е мајка на седум деца и вели дека поддршката од семејство многу помогнала нејзината ќерка да го надмине нападот од тренерот. Тој од лани, кога му биле изречени мерки за претпазливост е во Кавадарци, па семејството мора да научи да живеe и со можноста да се сретнат.

Судот во Велес во вторникот му изрече осум години затвор на Благој Пешиќ за кривично дело полов напад врз дете кое не наполнило 14 години. Во казната му се смета и времето поминато во притвор и во куќен притвор од 29.03.2017 година кога е лишен од слобода до 16.03.2018 година кога му се определени мерки на претпазливост. Од судот во Велес известија дека странките се поучени на правото на жалба, но немало најава дали ќе изјават жалба на пресудата.

Би можело да ве интересира

Запалени возило, трактор и гаража во Кавадарци

Горан Наумовски

Деветтооделенци од Кавадарци краделе и монтирале фотографии од соученички за да им се исмејуваат

Орце Костов

Група млади кавадарчани физички нападнале семејство во Марена

А1он

Кавадарци со низа препораки по најавените екстремно ниски температури

А1он

Приведен кавадарчанец: Излетал од патот додека превезувал мигранти при што загинало едно лице

А1он

Се запали куќа во кавадаречкото село Раец