Левица: Остра осуда за непрофесионализмот на МВР и ОЈО

Од:

Политичката партија Левица најостро го осудува, како што вели, патернализмот и непрофесионалноста на Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство Скопје и уредништвата на провладините медиуми, во случајот со прерано згаснатиот живот на 21-годишниот Никола Саздовски – Саздо од општина Кисела Вода.

„Индикативното во случајов е тоа што постоеше обид за релативизирање на сериозноста на случајот, со цел негово заташкување и криење од јавноста. За овој крвнички чин на намерно, умислено и планирано претепување до смрт од вооружена банда насилници обвинителството сè уште не го преквалификувало делото! Случајот и понатаму го води како потежок облик на „насилство“ од главата посветена на кривичните дела против јавниот ред и мир – по чл. 386 од Кривичниот законик (со предвидена казна затвор од три до десет години), а не како дрско и свирепо „убиство“ сторено од омраза, од главата посветена на кривичните дела против животот и телото на луѓето – по чл. 123 од КЗ (со запретена затворска казна од десет до дваесет години, или доживотен затвор).

Поради непрофесионалниот однос на полицијата и обвинителството во раветлувањето на овој случај и неговото изнесување во јавноста, го реактуелизираме едно од клучните барања на протестите против полициска бруталност од 2011 година, протести на кои поголемиот дел од раководството на Левица учествуваше секојдневно.

Повторно бараме замена на Секторот за внатрешна контрола во МВР со независно граѓанско тело и зголемена надворешна контрола над МВР, од страна на анкетната комисија во Собранието на РМ и Народниот правобранител.

Во спротивно, бараме неотповиклива оставка од Министерот Оливер Спасовски, поради ставање на страната на дилетантизмот, заштитништво и неказнивоста на непрофесионалците во своите редови, кои ја водат Републиката во насока на заробена полициска држава. Упатуваме и најостра критика до некои самонаречени „професионални“ и „независни“ новинари и до пристрастната уредувачка политика на некои провладини медиуми и интернет портали – заради недостоинственото и тенденциозно известување или комплетното игнорирање на овој трагичен случај.

Воедно, ги повикуваме и македонските граѓани да не подлегнуваат на провокации и обиди за поткревање на меѓуетнички тензии, затоа што тоа би можело да доведе до спирала на насилнички криминалитет потхранет со национализам, шовинизам, омраза и нетрпеливост – од кој полза ќе имаат само владејачките партии и нивните корумпирани елити.

Левица изразува искрено и најдлабоко сочувство кон семејството, роднините и другарите на младиот Никола, со надеж дека механизмите на правдата и правната држава конечно ќе профункционираат, а сите сторители, прикривачи и помагачи на овој брутален чин ќе бидат уапсени, осудени и најстрого казнети. НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР!“, се вели во соопштението на Левица.

Би можело да ве интересира

Пратениците од Левица поднесоа интерпелација за претседателката на Комисијата за социјална политика Даути за законот за бранители

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Јанчев: Нашиот левичарски нарав е таков – за сестра се умира

(ВИДЕО) Јовановска: На народот му врие, преку глава му е од овие политички препукувања

(ВИДЕО) Левица: ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија

(ВИДЕО) Мециновиќ: Народот заслужува одговори – ДПМНЕ му сервира пцости и насилство

Баџанакот на Тошковски “победи” студент на генерација и стана доцент обвинува Левица