Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги повика СДСМ и Левица да ги повлечат поднесените амандмани на предложените измени на Изборниот законик, оценувајќи дека сè уште постои можност реформата да биде усвоена.
Според него, гласањето на дијаспората е клучен дел од предложените измени, бидејќи, како што рече, иселениците треба да останат поврзани со татковината.
„Се надевам дека СДСМ и Левица ќе ги остават своите политички мотиви настрана и ќе ги стават како приоритет националните интереси. Сè уште има време оваа реформа да ја испорачаме“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека двете опозициски партии поднеле повеќе од 13.000 амандмани, за кои смета дека имаат цел да го блокираат воведувањето електронско гласање за дијаспората.
Мицкоски оцени дека електронското гласање ќе овозможи полесно учество на иселениците на изборите, посочувајќи дека во земји како Австралија, Канада и САД многу гласачи мораат да патуваат со часови за да стигнат до дипломатско-конзуларните претставништва каде што можат да гласаат. Тој додаде и дека сегашниот модел создава значителни трошоци за државата.
Премиерот рече дека во текот на подготовката на измените била водена конструктивна дебата во Собранието и дека голем дел од предлозите на политичките партии биле прифатени, но обвини дека Левица во последен момент се повлекла од договореното.
СДСМ: Нема да дозволиме изборен грабеж
Од СДСМ, пак, тврдат дека предложеното електронско гласање на дијаспората не содржи доволно механизми за контрола и отвора простор за злоупотреби.
Потпретседателката на партијата, Јована Тренчевска, изјави дека Владата сака да воведе систем во кој, за разлика од гласањето во земјата, нема да постојат исти гаранции за идентификација на гласачите, тајноста на гласањето и спречување на злоупотреба на идентитет.
Според СДСМ, околу 200.000 потенцијални гласачи во дијаспората не би биле предмет на исти процедури како гласачите во државата, поради што партијата најавува дека ќе продолжи да ги користи сите парламентарни механизми за да го блокира предложеното решение.
Левица: ДПМНЕ се откажа од сопствениот компромис
Од Левица обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ се откажала од претходно понудениот компромис за една изборна единица и гласање на дијаспората преку избирачки места надвор од дипломатско-конзуларните претставништва.
Според партијата, електронското гласање никогаш не било дел од претходните договори ниту, како што наведуваат, произлегува од препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Левица смета дека инсистирањето на Владата токму на ова решение е политички услов кој го блокира усвојувањето на останатите изборни реформи и го задржува актуелниот изборен модел, кој, според нив, им одговара на поголемите партии.
СДСМ и Левица вчера поднесоа над 13.800 амандмани на измените на Изборниот законик. Главната спорна точка меѓу власта и опозицијата останува предлогот за воведување електронско гласање на дијаспората, кое Владата го смета за неопходна реформа, додека опозициските партии бараат дополнителни гаранции за безбедноста, контролата и довербата во изборниот процес.
