Нема договор за Изборниот Законик, опозицијата блокира со илјадници амандмани

Од:

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска по усвојување на дневниот ред со единствена точка измени и дополнувања на Изборниот законик, по скратена постапка, ја прекина седницата бидејќи за него се поднесени многу амандамни што треба да се архивираат, а потоа и да се преведат на албански јазик.

– Поднесени се многу амандмани, коишто се архивираат па ќе бидат преведувани и затоа за продолжението на седницата ќе бидете извесени – изјави претседателот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов.

Координаторите на пратеничките групи и независните пратеници кои учествуваа во работата на работната група за Изборниот законик денеска не постигнаа договор за електронското гласање на дијаспората. СДСМ најави 10.000 амандмани, додека Левица 3.000 за ова законско решение.

СДСМ го блокира Предлог-изборниот законик, оценувајќи дека предложените измени отвораат простор за злоупотреби, нерегуларности и нарушување на легитимноста на изборниот процес. Претседателот на партијата, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека СДСМ ќе поднесе амандмани и нема да дозволи законот да биде усвоен во сегашната форма.

Главната забелешка на СДСМ се однесува на предлогот за електронско гласање на дијаспората.

„Овој начин на гласање на дијаспората, кој го предлага Христијан Мицкоски, не е ниту европски, ниту демократски. Не знаеме колку луѓе ќе гласаат – 100, 200 илјади – а се отвора можност за злоупотреба, контролирано гласање и еден човек да гласа во име на повеќе лица“, рече Филипче.

Тој предупреди и на ризик од сајбер-напади врз изборниот систем.

„Зошто да ја изложиме државата на ризик ден или два пред изборите, или на самиот ден на гласањето, електронскиот систем да биде хакиран? Како тогаш ќе бидеме сигурни дека имаме легитимни избори?“, праша лидерот на СДСМ.

Филипче оцени дека ВМРО-ДПМНЕ не понудило конкретни одговори на овие забелешки, туку инсистира спорниот член да остане во законот.

Во меѓувреме, и Левица остро го критикува предложениот закон. Од партијата тврдат дека со него се прави обид да се зачува изборниот модел кој, според нив, ги фаворизира големите партии и ја дискриминира Левица.

Посебно спорен, според Левица, е членот 76-ѓ, кој предвидува глоби до 8.000 евра за одредени содржини објавени на социјалните мрежи за време на изборната кампања. Според партијата, со широките формулации се остава простор за ограничување на слободата на политичко изразување и воведување цензура преку високи парични казни.

Левица, исто така, обвинува дека темата за електронското гласање на дијаспората намерно се користи како спорна точка за да не се донесат измени кои би овозможиле порамноправно финансирање на политичките партии и фер распределба на средствата за платено политичко рекламирање.

Од друга страна, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, потврди дека на средбата на координаторите не бил постигнат договор за Изборниот законик.

Тој изјави дека биле прифатени повеќе забелешки на политичките партии, меѓу кои и предлогот за моделот за финансирање на политичките партии во сооднос 42, 42, 8, 5 и 3 проценти, како и забелешката на Левица за доработка на членот 76-ѓ кој се однесува на глобите.

Според Мицевски, единственото прашање околу кое не бил постигнат компромис останало електронското гласање на дијаспората.

„СДСМ рече дека не може дијаспората да гласа, но остана без објаснување. Иако моделот е прифатен во одредени земји, за СДСМ тоа беше ненадминливо прашање. Очекувам околу 10.000 амандмани од СДСМ и околу 3.000 амандмани од Левицата“, изјави Мицевски.

Со најавените 13.000 амандмани, извесно е дека расправата за Изборниот законик во Собранието ќе биде долга и неизвесна, а засега останува неизвесно дали предложените измени воопшто ќе добијат парламентарна поддршка.

Би можело да ве интересира

Мицкоски ќе прифти се што бараат СДСМ и Левица за Изборниот законик, ама дијаспорта не ја дава

Исмаил: За Изборниот законик немаше консензус – во последен момент е вметнат член што предвидува казни до 8.000 евра за објави на социјалните мрежи

Катерина Ѓуровски

Крмов: Коалиција повторно проработи – ДУИ и ДПМНЕ го прошверцуваа Изборниот законик во собраниска процедура

А1он

Филипче: Нема да дозволиме изборна кражба!

А1он

ВИДЕО: И СДСМ ќе го блокира Изборниот законик, Филипче вели дека отвора врата за изборна кражба

(ВИДЕО) Апасиев: За ваков Изборен законик не беше постигнат консензус, Левица ќе го блокира