Координативен состанок за аерозагадувањето во Скопје

Од:

Денеска во Клубот на пратеници во Скопје, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и заменик-министерот Јани Макрадули одржаа состанок со градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов и градоначалниците на општините од Скопскиот плански регион за координирање и усогласување на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

По првиот дел од работниот состанок на кој беа претставени неколку презентации за моменталната состојба, законските ингеренции, актуелните планови, досегашните искуства и проблеми, предлог-мерките и патоказите, како и за дефинирање на идната комуникација и дејствување што ќе ги имаат МЖСПП, УНДП, Државниот инспекторат за животна средина и Инспекцискиот совет, изјави за медиумите дадоа градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон и министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и заменик-министерот Јани Макрадули.

– Денешниот форум и концентрација на ингеренции, како и присуството на УНДП гарантира дека со овој собир ќе започнеме со системско решавање на проблемот со загадувањето на воздухот. Денеска ја разгледувавме студијата која е направена од УНДП, којашто ги дава основните патокази каде што би требало да се движат Градот Скопје и општините од Скопскиот плански регион во наредниве 10-тина години, со цел да можеме за 10 години да кажеме дека целосно е прочистен воздухот, што не значи дека денеска не разговаравме и за краткорочни мерки, односно концентрацијата на ингеренции дозволува да изнајдеме оперативно решение како засилен комунален надзор, и надзор за заштита на животната средина од недозволените палења што партиципираат како сериозен дел во процентот на загадувањето, до решавање на одредени сообраќајни решенија, заедно со министерствата и општините, со цел да се обидеме во претстојната сезона да ги ублажиме ефектите од загадувањето на воздухот.

– Очекувам дека многу брзо, во текот на оваа недела ќе излеземе заеднички со определени мерки, коишто потоа ќе ги имплементираме секој во рамките на својата надлежност, за да може на граѓаните на Скопје оваа сезона, колку толку да имаат поквалитетен воздух. За мене е многу битно што за првпат почнува системски да се решава проблемот со загадениот воздух и околината, затоа што тоа го ветивме на нашите сограѓани во текот на изборната кампања и за што овој кворум гарантира дека ќе биде исполнет- истакна градоначалникот Шилегов.

Според податоците од новата студија што ја изработи Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), презентирана на координативниот состанок за загадувањето што се одржа во Клубот на пратениците, дури 45 насто од домаќинствата во градот се греат на огревно дрво, 30 насто на електрична енергија, а само 21 насто се приклучени на парно, а греењето најмногу придонесува за загадување на воздухот.

Во текот на една грејна сезона се користат 317.000 тони дрва, што е еднакво на сите дрвја што ги има на Водно, рече директорката на УНДП за Македонија, Луиза Винтон.

– Толкава шумска површина се сече во другите делови на земјата за жителите на главниот град и на регионот околу него да се затоплат во само една година. Следната сезона ќе се исече уште едно Водно и тоа ќе продолжи и во наредните години ако не се преземат мерки – рекоа од УНДП.

За да се намали загадувањето на воздухот се предлагаат три мерки. Првата мерка, којашто бара најмалку финансиски средства, е да се зголеми користењето на парното греење онаму каде што има мрежа, односно што повеќе домаќинства што се имаат исклучено повторно да се приклучат на парно. Втората мерка е оние што се греат на дрва да ги заменат старите и неефикасни печки со нови грејни тела, а третата мерка, којашто е и најскапа е да се зголеми енергетската ефикасност, бидејќи над 50 насто од објектите треба да се реновираат затоа што не се енергетски ефикасни.

Но, загадувањето не доаѓа само од греењето на дрва, во истражувањето се посочува дека голем придонес во загадувањето на воздухот има и палењето на пластика, лакирани материјали, јоргани, облека и друго ѓубре. Во студијата, исто така, се посочува дека, освен во општината Шуто Оризари, во другите општини не постоело совпаѓање меѓу имотната состојба на граѓаните и начинот на греење, но постоело совпаѓање со образовната структура на населението, што укажува дека треба да се едуцираат граѓаните и да се работи на јакнење на нивната свест.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Пожар во куќа зад Универзална сала

Катерина Ѓуровски

ИКС: Да зборуваме повеќе за животната средина во време на растечка еколошка криза

Се судрија две возила, во сообраќајката повредена е малолетничка од Скопје

Комшија чува кокошки во зграда во Скопје, не знаат каде да пријават – законот јасен, ни маче и куче не смее да се чува на тераса

Анита Петровска Рајковиќ

Уапсени двајца скопјани затекнати како се дрогираат во стан на дилер од Скопје – уапсен и дилерот

Четири лица нападнале и тешко повредиле скопјанец

А1он